1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи зборови на Бранденбуршката порта

ЕМФ/дв19 јуни 2013

Историски говор во Берлин - 6.000 гости го следеа говорот на американскиот претседател Барак Обама во срцето на Берлин. На пеколни температури, тој реши да биде неформален - го соблече палтото и зборуваше само во кошула.

https://p.dw.com/p/18t5T
Фотографија: Reuters

Гледачите мораа да чекаат пред Бранденбуршката порта цели три часа на пеколно сонце пред американскиот претседател Барак Обама, во придружба на германската канцеларка Ангела Меркел и градоначалникот на Берлин, Клаус Воверајт, да дојде пеш пред портата.

Прво на собраните им се обратија Воверјат и Меркел, кои се осврнаа на значењето на ова место во историјата на Германија. „Бранденбуршката порта за целата наша земја, за овој град и за мене лично е симбол на нашата слобода“, рече Меркел. Таа зборуваше за германската историја и улогата што САД во времето на Студената војна ја имаа за Германија. Меркел подвлече дека Германците и натаму ќе ја градат и надградуваат нераскинливата поврзаност со САД. „Трансатлантското партнерство и во 21 век е клуч за слобода, безбедност и благосостојба на сите“, нагласи Меркел.

Obama in Berlin Rede Merkel Brandenburger Tor
Фотографија: Odd Andersen/AFP/Getty Images

Потоа, проследен со огромен аплауз, збор зеде американскиот претседател. Неговите први зборови беа „Здраво Берлин“, а потоа обраќајќи и‘ се на германската канцеларка додаде: „Ви благодарам за Вашата лидерска улога, за Вашето пријателство и примерот што го давате со својата биографија од детство на Истокот до претседател на Владата на слободна и повторно обединета Германија.“

Поради високите температури, Обама себеси и на присутните им овозможи олеснување, со тоа што им препорача да ги соблечат палтата. Тој тоа го направи и самиот, наведувајќи дека во пријателски круг може да се биде и неформален.

Обама рече дека е горд што може да зборува на источната страна на Бранденбуршката порта. „Отвореноста победи, победија толеранцијата и мирот овде во Берлин.“ Судбината на овој град, низ историјата може да се опише со неколку зборови, оцени Обама: „Сакаме да живееме слободно или во синџири? Сакаме да ги зачуваме човековите права или да бидеме под режим кој ќе ги задушува тие права?“

Obama in Berlin Rede Brandenburger Tor
Обама го соблече палтото, Меркел си го задржа блејзеротФотографија: Reuters

Две децении по падот на Берлинскиот ѕид „луѓето доаѓаат на места како ова за да се навратат на историјата, а не да пишуваат историја“, рече американскиот претседател, додавајќи дека тестот на современото време сепак бара и натаму исто онаков борбен дух каков што имаше во Берлин пред половина век. Светот денес можеби не живее во страв од глобално уништување, но се‘ додека има нуклеарно оружје, не е безбеден никој. „Можеме да им задаваме удари на терористичките мрежи, но ако ги игнорираме недоволната стабилност и нетолеранцијата, кои водат кон екстремизам, тогаш нашата слобода е загрозена“, потенцираше Обама. Светот, како што додаде тој, можеби им завидува на индустриските нации на нивниот животен стандард, но се‘ додека има луѓе што гладуваат и стравуваат од невработеност, не може да се зборува за вистинска благосостојба.

Обама смета дека САД не можат на другите да им диктираат колку брзо ќе ги менуваат работите, како на пример во арапскиот всет, но неговата земја, како што изјави, не може да се плаши да преземе извесна улога во поддршката на луѓето. Слобода и праведност значат да им се подаде рака на оние што се борат за слобода, сигурен е Обама.