1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи зделки, но и јасна критика

20 јануари 2011

Договори во вредност од 45 милијарди долари потпишаа претседателите на САД и Кина, Обама и Ху на самитот во Вашингтон. Кинескиот лидер, за разлика од претходните посети, овојпат беше пречекан со највисоки почести.

https://p.dw.com/p/zzu4
Ху Џинтао и Барак Обама на средбата во ВашингтонФотографија: AP

Барак Обама си го одржа зборот. Тој претходно вети дека нема да премолчи ништо за време на посетата на кинескиот претседател и отворено ја критикуваше кинеската монетарна политика.

„Му кажав на претседателот Ху дека го поздравуваме тоа што кинеската валута е малку повеќе адаптирана на пазарот, но морам да кажам дека јуанот останува потценет и дека мора да има натамошни чекори за стимулирање на неговиот раст, особено преку домашната потрошувачка. Се надеваме дека вредноста на јуанот во иднина ќе ја одредуваат пазарите, а не државата“, рече Обама.

Човековите права во фокусот

Американскиот претседател имаше остри зборови и за почитувањето на човековите права во земјата.

Hu Jintao und Barack Obama No Flash
Првата дама на САД, Мишел Обама и претседателите Ху и Обама пред Белата КуќаФотографија: AP

„Ја потврдив нашата приврзаност кон почитување на универзалните човекови права на сите луѓе. Тоа ги вклучува основните човекови права, како слободата на изразување и на печатот, правото на слободно собирање и на религија. Сите овие права се признаени и во кинескиот Устав. Веруваме дека почитувањето на овие права, сите нации, вклучително и Кина, ќе бидат далеку понапредни и поуспешни“.

На заедничката прес-конференција и Ху изјави дека дошол во Вашингтон за да ја зајакне заемната доверба и да отвори нова страница во односите помеѓу двете земји. Тој го коментираше и прашањето за почитувањето на човековите права во неговата земја.

„Кина секогаш се залагала за заштита и почитување на човековите права и бележи голем напредок на тоа поле. Кина е голема земја со огромна популација и се наоѓа во критична фаза од своите реформи. Во тој контекст, пред нас остануваат многу економски и социјални предизвици. Па така и во однос на човековите права треба да се направи уште многу“, рече Ху.

Договорите со Кина значат 235 илјади работни места во САД

Круна на посетата на кинескиот претседател сепак беа потпишаните протоколи за зајакнување на економската размена меѓу двете земји во вредност од 45 милијарди долари. Двајцата претседатели потпишаа серија договори, меѓу кои и зделка со која Кина се обврза да купи 200 авиони "Боинг".

Белата куќа соопшти дека со овие зделки ќе се потврдат 235.000 работни места за американски работници. Договорите предвидуваат извоз од САД во Кина на различна стока, вклучувајќи земјоделски производи, компјутери, автомобили и авиоделови, како и индустриски материјали и технологија.

Автор: Кристина Бергман/ Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема