1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи напори, но промашени клучните проекти

Костадин Делимитов8 август 2012

Македонската влада влезе во втората година од четиригодишниот мандат. Експертите сметаат дека владата работи многу, но сепак во земјата изостанува напредок во клучните области.

https://p.dw.com/p/15lYm
Фотографија: MIA

Големите инфраструктурни проекти, реформите во јавната администрација и независноста на судството се клучните области во кои не е постигнат речиси никаков напредок, реагира дел од експертската јавност во Македонија. И покрај владините напори, залагања и проекти, аналитичарите предупредуваат дека се направени големи пропусти пред се’ во делот на економијата, но и во националните и стратешки интереси.

Република Велигденска Македонија

Политичкиот аналитичар Суад Мисини смета дека суштинскиот проблем на актуелната влада е немањето доволен капацитет за да овозможи соодветно функционирање на институциите, владеење на правото и ефикасна буџетска политика.   

„Ако ние ја опсервираме денес Македонија, како Република Велигденска Македонија, ова го кажувам со алузија на Велигденските острови каде што спомениците и пресудија на таа цивилизација, ние денеска зборуваме за напори на владата да почне со изградба на коридорите, на пругата кон Бугарија, гасификација ит.н. Значи големи енергетски проекти, но не можеме а да не констатираме дека седум години се доцни со реализацијата на овие големи, важни за иднината на Македонија, проекти. Заклучокот е дека напорите беа големи, работата исто така голема, меѓутоа приоритетите со коишто се занимаваше оваа владејачка гарнитура и партија на власт, според мене, беа промашени“, смета Мисини.

Statue Alexander der Große
Спомениците ќе и’ „пресудат“ на Македонија?Фотографија: Petr Stojanovski

Напредок без посакуваната динамика

Со сличен став е и Јове Кекеновски. Според овој политички аналитичар, Македонија генерално оди напред, но не со зацртаната и посакувана динамика. Во делот на евроатлантското интегрирање смета дека патот е јасно трасиран, но истовремено и блокиран со ирационалниот став на јужниот сосед - Грција. Клучните проблеми и според него се во делот на економските политики, администрацијата и судството.

„Факт е дека немаше зголемување на даноците, немаше намалување на платите, пензиите, социјалната помош, меѓутоа јас не сум задоволен бидејќи требаше објективно да се каже дека тие се обезвреднети како резултат на секојдневното зголемување на цените на струјата, парното, а пред се на прехранбените продукти. Јас не ги гледам овие длабоки реформи во судството и во јавната администрација или, пак, тие реформи се’ уште не можат да ја видат светлината на денот, па затоа имаме јавна администрација таква каква што е и такво судство, а тоа ако се потсетите се’ и најголемите забелешки во три последователни извештаи на Европската комисија“, забележува Кекеновски.

Mazedonien Skopje EU-Kommissar Stefan Füle
Македонија веќе во три последователни извештаи од ЕУ добива исти забелешкиФотографија: MIA

За аналитичарите е добро што меѓуетничките односи се релативно добри, но предупредуваат да се внимава на употреба на принципот топло-ладно на овој план во зависност од партиските интереси. Инвестирањето во науката, образованието и субвенционирањето се позитивни, исто така и политиката на привлекување странски инвестиции што допрва се очекува да даде позначителен резултат. Според Кекновски добро е што оваа Влада е прва што работи со конкретни рокови и отчет за сработеното, што треба да биде пример за сите следни влади.