1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големото влијание на лобистите во Брисел

Кристоф Хаселбах / Александар Методијев10 септември 2012

Организацијата Лобиконтрол бара поголема транспарентност и контрола на лобистичкото делување во ЕУ. Новото издание на нивниот градски водич „Лобипланет“ би требало во таа смисла да им помогне на граѓаните и новинарите.

https://p.dw.com/p/1661B
Фотографија: Fotolia

Се’ повеќе политички одлуки се нoсат во Брисел наместо во самите држави членки на ЕУ. Во што се гледа тоа? Во големиот број бриселски лобисти, смета британскиот пратеник во Европскиот парламент од редовите на либерал-демократите Грахам Вотсон.

„Ние имаме повеќе лобисти отколку што има во Вашингтон. Тие препознаа колкава моќ постои овде“, вели Ватсон.

Официјалните податоци на ЕУ за бројот на лобистите се стари десет години. Тогаш стануваше збор за од 15.000 до 30.000 лобисти. Денес можеби ги има значително повеќе. Никој не знае точно колкав е нивниот број. За лобистите постои регистар, но пријавувањето е доброволно.

„Тоа мора да се промени“, смета Нина Кацемих од организацијата Лобиконтрол. Таа сака поголема транспарентност и контрола на лобистите. Интересите во Брисел, следени од големи буџети, имаат јасна предност во тоа да станат дел од разговори. Така, големите економски здруженија имаат голема предност во однос на организациите кои работат за општото добро, вели Кацемих.

Лобирањето најмногу функционира кога е прикриено

Belgien EU Demonstration gegen Lobbyismus in Brüssel
Протести против лобистите во БриселФотографија: AP

Таа и нејзиниот колега Тимо Ланге организираа прошетка низ европскиот кварт во Брисел за да покажат каде и како функционира лобирањето во градот. Тоа е најделотворно онаму каде не е доживеано како лобистичка работа, велат овие двајца активисти. Некои „фабрики на идеи“ кои звучат неутрално, всушност се камуфлирани лобистички организации кои се платени од одредена фирма. Исто така, влијанието на пратениците во Европскиот парламент често се одвива по скриени, индиректни патишта.

„Во секој случај лобистичката работа во Брисел се одвива како подмачкана“, смета Тимо Ланге. Тоа може да се види и во пропаднатиот план на Комисијата да воведе ознаки на животните намирници. „Индустријата за животни намирници мобилизираше вкупно милијарда евра, за да спречи ставање ознаки на производите“, вели Ланге. Токму во финансиската криза банките и нивните лобистички организации се во топ форма за да запрат воведување строги правила за регулација на банките. Посебно е опасен конфликтот на интереси, кога европските комесари предвреме ја напуштаат позицијата и ја заменуваат со ангажман во стопанството.

„Пет од 13 комесари од претходниот состав на Европската комисија продолжија да работат на вносни работни позиции во приватниот сектор. Финансиски силните лобисти на тој начин можат да добијат директен увид и инсајдерски информации за бирократијата во ЕУ, како и директен контакт со највисоките нивоа во бирократскиот апарат на Унијата“, вели Кацемих.

По бројните критики Комисијата донесе одлука, според која европските комесари, по престанокот на мандатот, немаат право година и половина да работат во некоја фирма. Организацијата Лобиконтрол бараше тој период да изнесува три години, како и поранешниот комесар да не смее генерално да се занимава со лобистичка работа по истекот на мандатот.

Самопрогласени лобисти

Но, како реагираат самите лобисти на критиките? Андреас Оргинц отворено признава дека е лобист и тоа за Германскиот хемиски сојуз. За него лобистичката работа е легитимно застапување на нечии интереси.

Andreas Ogrinz Bundesarbeitgeberverband Chemie
Андреас ОргинцФотографија: DW

„И лобистите за заштитата на животната средина се исто така лобисти. Тоа понекогаш во јавната дебата не се истакнува. Немаат интереси само претставниците на индустријата или на работодавачите, туку и еколошките здруженија и активистите за човекови права“, вели Оргинц. И тој е за транспарентност при лобистичката работа. Но, каде се моралните граници на лобирањето?

„Кога, на пример, еден пратеник ќе се викне на патување или кога му се ветува каква било парична полза, тогаш тоа сосема јасно е нелегално вршење на влијание и тоа веќе не е лобизам. Тоа тогаш е корупција“, вели Оргинц.