1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големо патување во длабочината на човековото достоинство

14 септември 2009

Во Кинотеката на Македонија се одржа филмска работилница како дел од проектот „Балкан џанкшн“, кој го реализира група ентузијасти, активни на полето на документарниот филм од Словенија, Србија, Италија и Франција.

https://p.dw.com/p/JeUn
Фотографија: picture-alliance/dpa

Проектот освен работилница има и практичен дел на терен - снимање на истоимен документарен филм кој ќе биде составен од кратки документарни филмови со групи учесници од повеќе балкански земји кадешто се реализира проектот. Тој е по примерот на луѓето што патувале со воз на линијата Минхен – Солун, но овојпат ентузијастите во филмот патуваат на релација Љубљана – Истанбул. Со тоа возот, односно проектот, ги поврзува вљубениците во подвижните слики од Словенија, Хрватска, Босна, Србија, Македонија, Бугарија, Грција и Турција. Тие, на крајот на проектот во 2011 година, најавија дека заедно ќе создадат и своја интернет мрежа.

Да се искаже мислење преку подвижни слики

Маја Малус од Словенија и Марко Цвејиќ од Србија се идејни творци на проектот.

„Идејата на проектот ’Балкан џанкшн“ е младите и младите по срце да можат да се изразат по темите за слобода на движењето, за визниот систем, за границите, за транзицијата на Балканот во Европската унија“, вели Маја Малус.

Super 8 Dresden workshop Dagie Brundert
Фотографија: Dagie Brundert

„Поентата на целиот проект и овие работилници е да им овозможиме на младите и сите заинтересирани преку подвижните слики да изразат некое свое мислење и став по темите. Целта ни‘ е да ги научиме за филмската монтажа и основите на користење камера“, објаснува Марко Цвејиќ.

Џеро Ди Вирџинис е режисер на филмот „Балкан џанкшн“ кој ќе биде составен од кратки документарни филмови од сите балкански земји: „Оваа работилница е можност вљубениците и аматерите во филмот да се сретнат со камера и монтажа. Да направат некој свој филм на интересни локални теми и проблеми и потоа јас ќе ги поврзам во еден филм ’Балкан џанкшн’. Тоа е можност и тие да се претстават во други земји. Премиерата ќе биде некаде во мај 2010, а планираме филмот да го прикажеме во сите земји.“

Надминување на стереотипите

Мод Галактерус од Франција е фотографка и преку објективот го следи реализирањето на проектот: „Мојата улога е да направам атмосфера, да покажам како одеше проектот, како работеше групата, какви беа емоциите, соработката. Целта ми беше да ги забележам луѓето и нас кои го правиме филмот и локациите каде што сме биле.“

Symbolbild Film p178
Фотографија: AP Graphics

Алмира Чатовиќ прави интервјуа со луѓето, пишува блог и фотографира: „Проектот во суштина е едно големо патување во длабочината на човековото достоинство, на некој начин отворање на таа култура, бидејќи секој народ, на некој начин, има своја рамка. Ова е можност за надминување на стереотипите и разбирање на сегашноста и патот по кој младите би сакале да одат во некоја своја иднина.“

Учесниците во работилницата велат дека идејата е добра, и дека е особено интересно тоа што се патува низ повеќето земји од Балканот, така што може да се прикаже кој до каде е и со какви идеи работи.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска