1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големо славје во БиХ по пласманот на Мундијалот

БГ/aп/бета/миа16 октомври 2013

Повеќе од 10 илјади луѓе во центарот на Сараево синоќа го прославуваа пласманот на репрезентацијата на БиХ на Светското првенство во фудбал во Бразил следната година.

https://p.dw.com/p/1A0UM
Фотографија: DW/S. Huseinovic

Како што пренесуваат локалните медиуми, навивачите на централниот градски плоштад палеле пиротехника, пееле, и ги вееле националните знамиња. Агенциите оценуваат дека за многу Босанци успехот во фудбалот е ретка можност за славје.

„За многу Босанци фудбалскиот успех е ретка можност за славје откако земјата беше погодена од војните во 90-те години во кои животот го загубија речиси 100 илјади луѓе, а како наследство од нив останаа сиромаштија, висока невработеност и бескрајни политички судири“, наведува Асошиејтед Прес.

Голем број луѓе на сараевскиот аеродром го дочекаа авионот со репрезентативците од Каунас, каде во решавачкиот дуел против Литванија беше забележана историската победа од 1:0.

Натпреварот во живо на видео-бимови го следеле околу 6 илјади навивачи во Зеница, а како што наведуваат локалните медиуми, стадионот Билино Полје изгледал како на него да се игра натпреварот. Славје се одржало и во многу други градови.

Во градовите во Република Српска, немало прослава на големиот успех, ниту пак се забележани некакви инциденти.

Репрезентацијата на Македонија, вчера се посрамоти на гостувањето против Србија, каде загуби со 5:1. Германската репрезентација, која веќе го имаше обезбедено пласманот на СП, ја совлада нагости Шведска со 5:3.

WM 2014 Qualifikation Schweden - Deutschland
Андре Шурле постигна три гола за Германија против ШведскаФотографија: Getty Images

Репрезентациите на Шпанија и Англија последни од Европа изборија директен пласман на Светското првенство во Бразил. Англичаните во последниот натпревар, на Вембли ја победија Полска со 2-0, со головите на Руни и Џерард и трката во Х групата ја завршија пред Украина.

Шпанија во И групата со головите на Негредо и Мата ја победи Грузија и го освои првото место во групата пред Франција која ќе игра во баражот. Директен пласман на СП во Бразил изборија: Белгија, Италија, Холандија, Швајцарија, Германија, Русија, Босна и Херцеговина, Англија и актуелниот светски првак Шпанија. Пласман во Бразил преку баражот ќе бараат: Грција, Португалија, Украина, Франција, Шведска, Исланд, Романија и Хрватска, додека од трката испадна Данска како најслаба второпласирана селекција. Двојките за баражите кои ќе се играат во ноември ќе бидат извлечени в понеделник.