1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голем број загинати пред примирјето во Сирија

СН/ЕМФ/ртр/дапд/миа/дпа/афп8 април 2012

Во Сирија беснеат борби пред официјалниот почеток на примирјето на 10 април , предвиден со планот на специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига, Кофи Анан.

https://p.dw.com/p/14ZTx
Фотографија: dapd

Опозициски активисти во Сирија денеска (08.04) јавуваат за постојани напади на владините сили. Цел на артилериски оган е провинцијата Идлиб, во близина на границата со Турција. Околу 90 тенкови и оклопни возила поддржани од хеликоптери бомбардирале позиции југозападно од Идлиб сити, главниот град на провинцијата.

Повеќе од 100 лица загинале во вооружените судири ширум Сирија во текот на вчерашниот ден, меѓу нив најмалку 87 цивили. Меѓународните набљудувачи известуваат дека сириските сили ги заостриле нападите врз бунтовниците, пред официјалниот почеток на примирјето во земјата во наредниот вторник на 10 април. Прекинот на огнот е предвиден во мировниот план на специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига за Сирија, Кофи Анан.

Речиси половина од жртвите во текот на вчерашните судири беа убиени во бомбардирањата и нападите на селото Латамна, во централната провинција Хама. Сирискиот центар за набљудување на човековите права со седиште во Лондон прецизира дека притоа биле убиени најмалку 40 лица.

Предупредување од САД до Дамаск да не го залажува светот

Освен Хама, денеска напади имаше и во близина на градовите Алепо, Хомс и околу други села.

Според опозицијата, владината војска напаѓала села и фармерски стопанства. Многу куќи во бомбардираните реони се разурнати, многу жители се ранети и населението е принудено да бара нови засолништа.

Syrien Regierung Truppen Panzer
Сириската армија ги засили бомбардирањата на села и градови во пресрет на договореното примирјеФотографија: AP

Американските власти го предупредија раководството во Дамаск дека повеќе не може да го залажува светот и да ги уверува сите дека го почитува планот на Анан. Сирискиот претседател Башар ал-Асад  го прифати овој план за прекин на судирите, според кој сириските сили до 10 април треба да се повлечат целосно од завојуваните градови. Планот на Анан предвидува владините и бунтовничките трупи потоа да го положат оружјето до 12. април.

Потребна е помош за преки еден милион лица

Во меѓувреме, Организацијата на исламска конференција соопшти дека речиси еден милион луѓе во Сирија им е потребна хуманитарна помош за преживување. Причина за тоа, според организацијата, е постојаното насилство во земјата. Генералниот секретар на оваа организација со седиште во градот Џида во Саудиска Арабија, Екмеледин Ихсаноглу, соопшти дека претставници на исламската конференција минатиот месец ја посетиле Сирија и ја скенирале фактичката состојба на теренот. Затоа организацијата има намера со 70 милиони долари во лекови и храна да им помогне на бегалците и внатрешно раселените лица во Сирија.

Организацијата на исламска конференција има 57 земји членки, а една од нив е и Сирија.