1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голем чекор за Германија во квалификациите за светското фудбалско првенство

13 октомври 2008

Германија со победата против Русија од 2:1, сега е прва во квалификациската група за светското првенство во Јужна Африка во 2010-та. Алонзо победник во Јапонија. Витали Кличко повторно е светски шампион.

https://p.dw.com/p/FYOw
Од натпреварот во ДортмундФотографија: AP

Квалификациите за светското првенство во фудбал во Јужна Африка во 2010-та година, беа главниот спортски настан од минатиот викенд. На програмата се одиграа повеќе дуели, а за европската спортска јавност секако најпривлечно беше дербито во Дортмунд, меѓу Германија и Русија, кое заврши со 2:1 за домаќините. Успех за Германија, која го доби првиот дуел против најсилниот конкурент во четвртата група. Иако, според играта, се чини најреален ќе беше нерешен исход.

Стрелецот на водечкиот гол за Германија, Лукас Подолски, беше задоволен од натпреварот: „Играв од почетокот на натпреварот и ја добив довербата. Тренерот повторно ми даде шанса, имавме добар разговор и мислам дека со добрата игра возвратив на најдобар начин“

WM 2010 Qualifikation Deutschland Finnland Löw
Јоахим ЛевФотографија: AP

Селекторот Јоахим Лев, може да биде задоволен, со оглед на настаните, посебно во второто полувреме: „Во првото полувреме комбиниравме одлично. Во вториот дел, сигурно дека имавме малку среќа во последната фаза. Во овој период од натпреварот немавме контрола врз играта, исто така на неколкупати лесно губевме топки. Русите тоа, се разбира, го искористија, бидејќи станува збор за извонреден тим“, изјави Лев.

Капитенот Михаел Балак, кој беше стрелец на вториот гол, излезе со реална оценка за случувањата на теренот: „Севкупно натпреварот беше многу интензивен. Русите беа многу сигурни во додавањата, но и во текот на целата игра. Во првиот дел одигравме одлично, постигнавме два убави гола. Русите продолжија мирно да ја градат играта во нападот, постигнаа заслужен гол и до крајот играа за израмнување на резултатот, што сигурно немаше да биде незаслужено“, изјави Балак.

Извонредно деби на Адлер

Fußball Nationalmannschaft Torwart Rene Adler
Рене АдлерФотографија: AP

Посебно задоволен по натпреварот, беше голманот Рене Адлер, кој своето деби во репрезентацијата го оправда на најдобар можен начин: „Постојано се обидував да се концентрирам на топката. Не забележав што се случуваше наоколу. Таквите натпревари едноставно ги сакам, кога се` се одвива пред твојот гол. На крајот беше тесно, но мислам дека нема ништо поубаво“, изјави Адлер.

Германија, со седум освоени бодови, сега е прва на табелата во четвртата квалификациска група. Еден бод помалку има Велс, кој го совлада Лихтенштајн со 2:0. Во третиот натпревар во групата, Финска го совлада Азербејџан со 1:0. Во останатите поинтересни дуели, Англија го декласираше Казахстан со 5:1, Шпанија беше сигурна на гостувањето против Естонија, 3:0. Холандија го совлада Исланд со 2:0. Португалија и покрај враќањето на Кристијано Роналдо, не успеа да слави во дербито против Шведска, кое заврши 0:0. Полска ја совлада Чешка со 2:1. Македонија денеска (13.10.2008) патува за Исланд, каде во среда ќе се обиде да ги освои трите бода.

Неспортски потег на Курањи

Инаку, натпреварот во Дортмунд, ќе му остане во лошо сеќавање на Кевин Курањи, напаѓачот на Шалке. Неспортскиот потег на Курањи, кој уште по првото полувреме заминал од теренот и од Дортмунд, без притоа никого да го извести, го налути селекторот, Јоахим Лев. Иако во меѓувреме добил извинување, Лев останува на одлуката и во иднина нема да смета на Курањи: „Како прво, се разбира дека бевме апсолутно изненадени што Кевин Курањи не се врати заедно со тимот. Се обидовме повеќепати да го добиеме, но без успех. По сево ова јас можам да кажам само едно - како тренер јас веќе нема да го повикувам Курањи во тимот, бидејќи тоа неможе да се толерира“, изјави Лев.

Победа на Алонзо за трилер завршница

Fernando Alonso gewinnt großen Preis von Spanien
Фернандо АлонзоФотографија: picture-alliance/dpa

Фернандо Алонзо, од тимот на Рено, со победата на трката за Големата награда на Јапонија, е најзаслужен што на две трки пред крајот, шампионатот во формула еден добива на неизвесност, слично како минатата сезона. Во генералниот пласман и натаму води Луис Хамилтон со 84 бодови, сега само со пет бодови предност пред Фелипе Маса од Ферари. Британецот во Јапонија беше 12-ти, Бразилецот седми. До крајот остануваат трките за големата награда на Кина и на Бразил. Инаку, место на подиумот во Јапонија освоија Роберт Кубица од БМВ Заубер и Кими Раиконен од Ферари. Во конкуренција на конструктори, во водство е Ферари со 142 бода, пред Мекларен Мерцедес, кој има седум бодови помалку.

Витали Кличко го врати шампионскиот појас

Љубителите на боксот, во саботата во Берлин, имаа можност да уживаат во извонреден професионален меч во тешка категорија. Витали Кличко, на извонреден начин, повторно го врати во свој посед шампионскиот појас во верзијата „ВБЦ“. 37 годишниот Украинец, во меч кој траеше осум рунди, го совлада бранителот на титулата, Самуел Питер, од Нигерија. Витали Кличко ја врати титулата од која поради повреда во 2005-та, мораше да се откаже. Со ова, тој му се придружи на неговиот брат, Владимир Кличко, кој е актуелен светски шампион во тешка категорија, во верзиите „ИБФ“ и „ВБО“:

Vitali Klitschko gewinnt gegen Samuel Peter
Од саботниот меч во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa

„Многу сум среќен, бидејќи нашиот долгогодишен сон е остварен“, изјави Витали Кличко. Според најавите, наскоро може да се очекува негов атак и на шампионскиот појас во верзијата „ВБА“, кој во моментов е во посед на Николај Валуев. Доколку тоа му појде од рака, тогаш браќата Кличко, ќе бидат светски прваци во сите верзии.