1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Горат улиците на Банкок

14 мај 2010

Ситуацијата на улиците во главниот град Банкок не се смирува. Владините трупи употребуваат гумени куршуми и солзавец против демонстрантите, противници на владата, по крвавата ноќ на судири во кои загина едно лице.

https://p.dw.com/p/NNLo
Тајландските војници во постојан судир со „црвените кошули“Фотографија: AP

Судирите на улиците на главниот град на Тајланд продолжуваат и денеска. Тајландските безбедносни сили продолжуваат со активностите за опколување и блокирање на целото подрачје во центарот на Банкок каде се забарикадирани десетици илјади противници на владата, т.н. „црвени кошули“. Тие со солзавец и гумени куршуми се обидуваат да ги растурат демонстрантите кои сакаат да ги спречат да ги опколат поставувајќи барикади од запалени возила и гуми. Според најновите информации, за време на насилствата на улиците во Банкок се повредени и двајца новинари, еден од нив од Канада.

Bangkok Unruhen
Фотографија: AP

Ќе следува ли операција за расчистување?

Во судирите во текот на ноќта, пак, беше убиен еден демонстрант, а повеќе од десет лица беа повредени, меѓу нив и доскорешниот генерал во армијата, Катија, познат како Сех Даенг, кој им се придружи на „црвените кошули“. Тој се здобил со тешки повреди на главата, откако бил погоден од снајпер, само неколку часа откако најави дека ќе го преземе раководството на „црвените кошули“.

Тајландските безбедносни сили денеска соопштија дека не планираат да спроведат операција за растурање на демонстрантите кои се забарикадирани во центарот на Бангкок.

„Денеска властите не планираат акција во Рачапрасонг, кадешто се главно стационирани демонстрантите, но очекуваме уште насилство вечерва“ , изјави портпаролот на армијата Сунсерн Каевкумнерд. Тој ги повика „црвените кошули“ да ја прифатат реалноста и да ги запрат протестите.

Bangkok Unruhen
Фотографија: AP

Тука сме, нека дојдат

Зад барикадите, во подрачјето во кое се наоѓаат „црвените кошули“, за време на ноќта владееше еден вид народно славје. Приврзениците на Народната алијанса за демократија и против диктатура (УДД) не стравуваат од можната операција на владините сили за нивно растурање.

„Ние сме подготвени за можен напад на владините сили. Јас лично, меѓутоа, не верувам дека владата ќе преземе такво нешто. Тие само сакаат со нивното водење психолошка војна да не заморат. Со убиството на уште еден демонстрант и истрелите врз барикадите тие сакаат да ни‘ влеат страв, но ние стоиме тука. Нека дојдат!“, порача Сеан Бунпраконг, гласноговорник на УДД.

Автор: СН/АТ/БМБ/ртре/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска