1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гостивар- нов тест за соживотот

2 март 2012

По убиството на двајцата млади Албанци во Гостивар, извршено од полицаец од македонска националност, повторно започнува да излегуваат на површина сета чувствителност и кревкост на меѓуетничките односи во земјата.

https://p.dw.com/p/14CvO
Протести на Албанците во ГостиварФотографија: DW

Мирјана Малеска, професор по политички науки од Штуловиот универзитет во Тетово, коментира за ДВ:

„Ако трагично убиство заради паркинг во Гостивар може да ја загрози безбедноста во државата, навистина со право можеме да се запрашаме: што сме правеле во меѓувреме? Со што, како приоритет, се занимавале Владата, политиката и политичарите? Во општество, какво што е македонското, кое пред 11 години излезе од оружениот конфликт, градењето на меѓуетничката доверба секогаш треба да биде приоритет. Тоа не е само да се исполнат обврските од Охридскиот договор, тоа не се поделбата на буџетот и спомениците, кои ги градат Албанците на левата страна на Вардар во Скопје, а Македонците на десната страна. Тоа е секојдневната грижа едни за други. Најголемата одговорност за создавање атмосфера на доверба и меѓусебно почитување им припаѓа на Владата, политиката и политичарите. На Македонците повеќе отколку на Албанците, бидејќи демократска држава се оценува според тоа како се однесува мнозинството кон малцинството.“

Вчера во Гостивар мнозина граѓани од македонска националност, но и Албанци, не сакаа пред микрофонот на Дојче веле да го кажат своето мислење за тоа што се случува во нивниот град. Кај голем број од нив се видни затвореност, чувство на несигурност и неподготвеноста за согледување на очевидниот факт дека сите немили случувања се, сепак, тука, до нив. Но, за разлика од јавниот простор и физичката јавна комуникација, на социјалните мрежи на интернетот, на фејсбук, во коментарите на читателите во електронските изданија во весниците- „врие“. 

Јавните настапи на политичарите влијаат врз состојбата

Професорот по политички науки Назми Малиќи од ФОН Универзитетот во Скопје, се надоврзува:

Rufi Osmani - Bürgermeister von Gostivar
Руфи ОсманиФотографија: DW/S.Toevski

„Среќавам на фејсбук и такви пишувања, кои не само што не ги осудуваат убиствата на двете момчиња од албанска националност, туку дури и обратно. Се прашувам какво ни станува општеството, оти ова се состојби на едно „болно општество“, за кое е прашање каде се наоѓа неговата перспектива. Сите инциденти во последно време не се случајни, туку тие се дел од една политика, која се гради во Македонија. Јавните манифестации на политичарите влијаат врз настаните во земјата.“

Вчера албанската опозициска парламентарна партија „Национална демократска преродба“, чиј лидер е токму гостиварскиот градоначалник Руфи Османи, се огласи со свите тврдења дека „убиствата се настан кој има и мултиетничка димензија, што може да ја доведе во опасност кревката рамнотежа меѓу Албанците и Македонците, кои живеат не само во Гостивар, туку и во целата земја“. Оваа партија упати јавен апел „до сите граѓани, а особено до жителите на Гостивар, да ја задржат ладнокрвноста и да се воздржат од какви било коментари и поттикнувања на омраза“, оценувајќи дека „албанските граѓани имаат легитимно право да ги искажат нивниот гнев и незадоволство преку мирни и демократски протести“.

Само еден ден по овие јавни истапувања на Партијата на Руфи Османи се случи токму спротивното: на вчерашниот протестен митинг на неколку илјади Албанци во центарот на Гостивар беше чуена реторика на национални навреди и омраза кон македонскиот народ во целина и кон Македонија како држава, а кон крајот на протестите беа искршени и излозите на повеќе дуќани и фирми.

Општеството се движи на тенок раб

Професорката Малеска е категорична:

Proteste der Albaner in Gostivar, Mazedonien
Оштетени излози за време на протеститеФотографија: DW

„Овие десеттина години праксата покажа дека намерното играње со националните чувства на граѓаните гарантира изборен успех и политичарите нештедливо манипулираат со тоа. Рака под рака со национализмот оди ограничување на слободата и зацврснување на стилот на авторитарно владеење. Како општество се движиме на тенок раб, распнат врз бездна. Коалициониот партнер во власта ДУИ е во незавидна положба: да се остане на власт и полека да се изгубат симпатиите на гласачите, или да се излезе од власта и да се предизвика длабока политичка криза во земјата, што меѓународната заедница не го дозволува. Се сомневам дека кај ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот лидер постои искрена желба за соживот, или, пак, не разбираат. Не е доволно да се подели власта и во целосна смисла на зборот. Системот на споделување на власта, кој се држи на некој вид договор меѓу елитите, може да опстане, само ако тие елити навистина искрено гледаат иднина во заедничката држава. Но, ако потајно работат спротивно на тоа, или не работат ништо, тогаш ќе се случуваат вакви манифестации на масовно незадоволство, предизвикани од трагедија, која можела да се случи каде било.“

Политичкиот аналитичар од невладиниот сектор од Гостивар Алберт Муслиу од тој митинг предупреди дека „двете убиства можат да станат генератор на натамошни нарушувања на меѓуетничките односи, на сожителството, ако не уследи соодветен одговор на надлежните институции на тој начин што убиецот ќе биде максимално казнет.“ За Дојче веле Муслиу го дополнува своето мислење дека во оваа насока се можни „натамошни инциденти и незадоволства кај Албанците“, ако тој одговор не биде „брз и адекватен“.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Б.Георгиевски