1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грабнувачите ослободија 26 заложници - зрак на надеж во драмата што и натаму трае?

2 септември 2004
https://p.dw.com/p/AcLY
Ослободените заложници
Ослободените заложнициФотографија: dpa

Грабнувачите во заложничката драма на југот на Русија ослободија 26 жени и деца, официјално е потврдено од владиниот кризен штаб. Во првите агенциски информации стануваше збор само за две или три жени и 4 деца. Претходно агенцијата Асошиетед Прес јави дека училиштето во Беслан, во кое чеченски екстремисти од вчера изутрината држат во заложништво 130 деца и околу 200 возрасни лица, денеска нешто пред 14 часот било потресено од две тешки експлозии. Подоцна беше прецизирано дека екстремистите од прозорците фрлале рачни гранати кога некое возило ќе се доближело кон училишната зграда.

Екстремистите се заканија дека ќе ја разнесат зградата доколку руските безбедносни сили се обидат да извршат напад за да ги ослободат заложниците. Но, месниот шеф на руската тајна служба ФСБ Валериј Андреев претпладнето пред новинарите изјави дека акција за ослободување во моментов воопшто не доаѓа пред вид и оти властите се ориентирани на барање решение преку преговори.

Првите обиди за телефонско преговарање во текот на ноќта пропаднаа. Терористите не сакаа да прифатат дури ни на заложниците да им биде доставена храна и вода. Телевизијата НТВ извести дека тие одбиле понуда за непречено повлекување од блокираното училиште, што им ја пренел посредникот што го прифатија, лекарот-педијатар Леонид Рошал. Тој посредуваше во преговорите и при заложничката драма во московскиот мјузикл-театар пред две години. Службените лица се обидуваат да ги наведат роднините на веќе идентификуваните грабнувачи да стапат во контакт со нив. Како посредници се понудиле и две арапски телевизии.

Инаку, уште пред експлозиите, претпладнето се слушаа повремени истрели. Пред зградата опколена од припадниците на специјални единици на силите за безбедност се собраа и околу 2 илјади луѓе – роднини на грабнатите.

Рускиот претседател Владимир Путин во првата изјава во врска со настанот го осуди грабнувањето. Тој рече дека злосторството не е насочено само спрема поединечни граѓани на Русија, туку и против земјата во целост и нагласи оти главна задача на владата е да се спасат животот и здравјето на заложниците.

Рускиот претседател денеска телефонски се консултирал и со германскиот канцелар Герхард Шредер и притоа, според зборовите на канцеларот, ја оценил ситуацијата како целосно непрегледна.

Шредер и министерот за надворешни работи Јошка Фишер го осудија земањето заложници во Беслан. Шредер на седницата на социјалдемократската фракција денеска во Берлин рече дека тероризмот мора да се оценува како подеднакво заканувачки во сите региони на светот и оти тоа не треба да се заборави кога се оценува севкупната руска политика спрема Чеченија. Тоа беше и одговор на критиките - не само од опозицијата - на тоа што канцеларот на тројната средба со Путин и Ширак во Сочи не најде забелешки за текот на неделните претседателските избори во Чеченија. Водачот на германската демохристијанска опозиција Ангела Меркел изрази погоденост од драмата на југот на Русија и го смени претходно остриот тон на критика на сметка на Шредер: со оглед на настанот, се релативизира по некоја тема околу која во Германија се водеа спорови, рече таа денеска.