1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Градба ин Џермани“ со проблеми

Инза Вреде / Елизабета Милошевска Фиданоска8 јануари 2013

Експлозија на трошоци, одлагање на термини и фушерска работа - на многу германски големи градилишта има работи кои одат лошо. Дали Германците веќе не се толку внимателни и прецизни како што ги бие глас?

https://p.dw.com/p/17Fm5
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германците се вредни, прецизни и работливи. Она за што ќе се зафатат и функционира. Барем така се вели. Нешто што не секогаш е соодветно. Многу големи проекти покажуваат дека и во Германија се случуваат работи за кои се вели дека ги има повеќе во други земји: временско одлагање, трошоци кои ги надминуваат рамките на планираното, се‘ до фушерска работа, измама и корупција. На пример, Берлинската железничка станица требаше да чини само 300 милиони евра, а на крајот трошоците изнесуваа 1,2 милијарди евра. Или пак, новиот Берлински аеродром, каде работите постојано се одлагаат и се‘ е поскапо од планираното. Во меѓувреме, аеродромот, според медиумски извештаи ќе чини над 4,3 милијарди евра, што е околу 50 проценти повеќе од првично планираното. Дали во германската градежна бранша не може да се смета и пресметува?

Многу мали фирми - многу проблеми

Петер Чешлок, прв човек на меѓународната Градежна советодавна фирма „Дреес и Зомер“, вели дека не оти не се знае да се смета, туку една од главните причини за проблемите при градењето е што работата од пред неколку години не ја координираат генерални претприемачи, туку многу мали фирми. Во случајот на големи проекти има и стотици фирми кои работат на реализација. На тој начин, одговорниот за проектот е пред голем предизвик, затоа што мора да ги координира сите таканаречени „допирни места“ на претпријатијата кои работат на проектот, вели Чешлок.

„Кога налогодавачот тоа го има под контрола, има потенцијал за оптимирање на трошоците од 20 до 30 проценти.“ Кај големи проекти со инвестициски волумен од неколку стотини милиони евра, тоа се гигантски износи. „Ризикот е во тоа што налогодавачот има многу поголема одговорност. Кај сите големи проекти кои не одат како што треба, значи кои се под временски притисок или со преголеми трошоци, секогаш се констатира дека токму овие ’допирни места’ не функционираат како што треба.“

Investitionsruinen in Deutschland
Во случајот со Хамбуршката филхармонија процес поради тендерот имаше уште пред почеток на градењето - работите мируваат од ноември 2011 година, поради тоа што градот и градежната фирма спорат околу безбедноста на покривотФотографија: AP

Покрај ваквите организаторски причини, непредвидени трошоци предизвикуваат и постојаните желби за промени на налогодавачите, вели Фолкер Корнелиус, претседател на Здружението на инженери советници. Ваквите промени чинат не само време, туку и повеќе пари. „Градежните фирми кои при конкурирањето го добиле налогот за градба, се во тие случаи креативни и се досетуваат на се‘ и сешто само за да излезат на крај со трошоците предизвикани од дополнителните барања, кои во нивните калкулации биле предвидени прениско.“

Вистинските трошоци не се наведуваат...“

Тоа што претпријатијата на почетокот калкулираат прениско, се должи на тоа што налозите се делат на тендер. Јавните институции кои делат налози мора да ја одберат „најекономичната понуда“, но често одлуката паѓа во полза на најевтината понуда, нагласува Корнелиус. Во спротивно, надлежните во институциите би морале долго да образлагаат зошто и‘ дале предност на поскапа понуда. За да го добијат налогот за изградба, претпријатијата делумно свесно ги определуваат прениско своите трошоци, потенцира Франц Јозеф Шлапка, советник во градежната бранша. „Ако се наведат вистинските трошоци, проектот можеби нема да се добие.“

Bildergalerie Großbauprojekte Nord Süd Bahn Köln
Двајца мртви и милионска штета - катастрофални последици од градењето на подземната железница во КелнФотографија: AP

Чешлок вели дека промените на проектот ги покачуваат не само трошоците. Кога се заканува одолговлекување на терминот за градба, се прават обиди на секој начин да се остане во зададените временски рамки. „На крајот се добива фушерски производ. Со сета сила се прават обиди работата да се заврши во предвидениот термин, иако тој всушност не може да се исполни. Тоа значи екстремно намалување на квалитетот.“

Во дел од случаите се работи не само фушерски, туку и криминално. Така, во случајот на урнатиот Историски градски архив во Келн, кога загинаа две лица, при изградбата на подземната железница се користеле веројатно погрешни материјали.

Но, и покрај ваквите лоши примери, и покрај експлозијата на трошоци, временските одлоговлекувања и дури и криминал, градежната бранша има се‘ уште добар имиџ во странство, подвлекува Чешлок.

Имиџот на германското инженерство, германските доблести - темелноста, прецизноста и транспарентноста со која работат Германците, се работи со кои се постигнува успех во меѓународни рамки и со кои бизнисот се шири. „Корупцијата која за жал ја има во Германија, е со димензии кои во странство и не се забележуваат“, вели Чешлок. „Никогаш досега таа тема не ни била отворена, а во странство сме често.“