1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градежниците- лесен плен за трговците со луѓе

Ивица Петровиќ/ Симе Недевски3 април 2012

Трговијата со луѓе со цел работна експлоатација е се’ поприсутен феномен во Србија. Осиромашените работници и загрозените струки се се’ полесен плен на овој вид трговци со луѓе. Но проблемот се игнорира.

https://p.dw.com/p/14WzR
Фотографија: picture-alliance/dpa

Невладината организација АСТРА неодамна организираше конференција во Белград за трговијата со луѓе, со цел работна експлоатација. Тоа е прва конференција од таков вид организирана во Србија и нејзина задача беше да предупреди од растот на овој феномен. Притоа беше истакнато дека постои голем недостаток од знаење за тоа - што е работна експлоатација и на кој начин треба да се третира и процесуира?

Истражувањата покажуваат дека испитаниците работната експлоатација во контекст на трговијата со луѓе ја гледаат како нешто што им е далечно, иако и самите велат дека имале сомнителни понуди за работа или оти познаваат луѓе кои имале такво искуство.

Градежниците најзагрозени

Случаите на трговија со луѓе со цел нивна работна експлоатација се многу специфични, истакнува за ДВ, Ивана Радовиќ, активистка на АСТРА. Секој откриен случај имено претставува експлоатација на поголем број луѓе, кој се движи меѓу неколку десетини до неколку стотини. Жртви во вакви случаи се најчесто мажи, кои себеси главно не се препознаваат како жртви и не сакаат да говорат за тоа. Сите тие случаи се главно некаде во странство и Србија е само земја на потекло на тие загрозени луѓе:

Flash Galerie Berliner Flughafen
Фотографија: Marion Schmieding / Alexander Obst / Berliner Flughäfen

„Така што луѓето од Србија се експлоатирани во Русија, во државите од поранешниот Советски Сојуз, потоа на Блискиот Исток, Дубаи, или пак Обединетите Арапски Емирати. Воопшто на сите тие дестинации каде се гради многу, затоа што тие најчесто се експлоатирани од страна на градежната индустрија“, вели Радовиќ.

Политиката молчи

Таа обрнува внимание на еден од најдрастичните случаи на експлоатација на српските работници во Азербејџан, кој се случил во 2009. година, во кој се оштетени неколку стотини луѓе. Тој случај на многу грд начин останал непрепознат и игнориран како случај на трговија со луѓе.

„Со оглед дека експлоатацијата се случувала на градилишта за објекти на владата на Азербејџан и со оглед дека Азербејџан се појавува како инвеститор во Србија, мислам дека не постои ниту политички интерес тоа да се истурка“.

Невнимателно до работа

Препораките за борба против овој феномен се однесуваат пред се’ на тоа да се вклучат сите кои досега не биле вклучени, од синдикатите преку Националната служба за вработување па се’ до министерствата за економија, труд и социјална политика. Овој проблем притоа мора да се набљудува и во контекст на човековите права и да се сфати дека оваа експлоатација не постои настрана од пазарот на труд, напоменува Радовиќ.

Wiederaufbau in Afghanistan
Фотографија: Ute Hempelmann

„Од различни причини стана нормално да се работи на црно и дека е нормално да се прифаќа што било само да се има каква-таква работа. Тоа ги прави луѓето поневнимателни и им дава помалку можности да проценат дали некои од понудите кои ги добиваат ќе ги доведат во трговијата со луѓе. Тоа е нешто со што треба да се позанимава државата. Не може да се даваат превентивни совети и препораки, во смисла на проверување на работодавачот, барање писмен договор или нешто слично, кога такво нешто во Србија не постои“.

Со оглед дека работниците од ваквиот вид експлоатација се спасуваат така што ќе побегнат, или пак т.н „работодавачи“, кога ќе сфатат дека се откриени, брзо ги враќаат во матичната земја, тешко е да се востанови точниот број на оштетени, истакнува Радовиќ. Практичната пропаст на српската градежна индустрија предизвика работниците да станат лесен плен за трговијата со луѓе и да станат жртви на експлоатација токму во оние земји каде српската градежна индустрија беше традиционално присутна, заклучува Ивана Радовиќ.