1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градоначалник по мерка на битолчани, а не на партиите

Златка Пурковиќ16 март 2013

Во трка за избор на градоначалник на Битола се осум кандидати. Главната битка ќе се води помеѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Талевски и Менде Диневски, кандидат на СДСМ.

https://p.dw.com/p/17ysT
Фотографија: Petar Stojanovski

Како и останатите градови во Републикава, така и Битола деновиве е во предизборна треска. Осум кандидати и девет советнички листи ја водат битката пред 81373  гласачи  да се покажат во најдобро светло, да ги промовираат своите предизборни програми, да ги прикажат своите ветувања што пореални, а со тоа да си обезбедат мандат за прв човек во наредните четири години. На овие локални избори со свои кандидати учествуваат Народното движење на Македонија, Социјалдемократската унија, СДСМ со коалицијата, ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата, Демократската партија на Албанците, Социјалдемократската партија на Македонија, но и двајца независни кандидати поддржани од група избирачи. Сепак, главната битка ќе се води  помеѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Талевски и Менде Диневски, кандидат на СДСМ.

Талевски зад себе има два градоначалнички мандати, кои според него, се одличен старт во предизборната трка. Она што во овие осум години го постигна како градоначалник го користи и во својата предизборна кампања, бидејќи на дел од проекти планира да продолжи да работи доколку биде избран за градоначалник.

„Наследив општинска каса со долг од 2 000 000 евра, со училишта со лоши санитарни јазли, без компјутери и спортски сали, ѓубришта по улиците“, вели Талевски, кој отчетот за сработеното го има ставено на 144 страници пишан текст. Во нив главно место имаат реконструкцијата на над осумдесет насто од улиците, пристапните влезови, подобрување на условите за децата на улица, старите лица, нови спортски сали и спортски игралишта. Индустриската зона Жабени, во која инвестираа трисет и двајца бизнисмени, овозможи вработување на двесте наши сограѓани, нагласува Талевски. Како потврда за неговите напори за создавање на добра бизнис клима, тој ги истакнува двете признанија на Светската банка добиени во 2008 и 2011 година, според кои Битола е избрана за најдобра бизнис дестинација од 22 града од седум земји на Југоисточна Европа.

Kommunalwahlen in Bitola Mazedonien Vladimir Talevski
Владимир ТалевскиФотографија: DW/Z.Purkovic

Создавањето на поволна бизнис клима, ќе биде негов приоритет и за наредниот мандат доколку ја добие довербата од граѓаните. Тој планира да продолжи со проширување на индустриската зона Жабени во која во наредните години би требало да се вработат околу 2500 работници. Друг капитален објект  за него е развивањето на Нижеполе и изградба на нови хотелски  објекти, изградбата на касарната, која по заминувањето на АРМ, Талески со новиот урбанистички план ја нарече Златен град. Гасификацијата и топлификацијата на Битола, е исто така во програмата на Талевски но и на другите кандидати кои ја барат довербата на битолчани. Изградабата на Киното Манаки, Зоолошката градина, посебни гаражи со 450 паркинг места, но и детски градинки, реконструкција на седум спортски сали, тениски терени, се исто така проекти кои се во неговата кандидатска агенда.

По мерка на народот

Каков профил на градоначалник бараат граѓаните, СДСМ и нивниот кандидат за Битола, четирисет годишниот стоматолог Менде Диневски, се обидоа да дознаат преку акцијата  наречена „Отвори  врата за иднината“, при што беа посетени околу дваесет илјади семејства. Така тие ја концепираа програмата за наредниот четиригодишен рзвој, во која има 16 топ приоритети. Првиот е гасификацијата на Битола, потоа изработка на нов урбанистички план, нова спортска сала, реконструкција на Градскиот стадион под Тумбе кафе, изградба на три нови булевари. Бизнис климата Диневски и неговата партија со коалиционите партнери ќе ја подобрува со изедначување на условите за вложување на домашните и странските инвеститори во постојните индустрикси зони. Диневски нагласува дека ќе ги исправа и грешките и пропустите на Талевски, со тоа што ќе го изгради речното корито на реката Драгор, како и реконструкција на мостовите, реконструкција на граничниот премин Меџитлија, нови две илјади паркинг места, но и намалување на цената на водата, изградба на нови станови преку реализација на проектот за јавно и приватно партнерство, отворање на општински центар за мали бизниси.Туризмот Диневски планира да го развива со нови сместувачки капацитети но и со современа инфраструктура.

Kommunalwahlen in Bitola Mazedonien Mende Dinevski
Менде ДиневскиФотографија: DW/Z.Purkovic

Диневски смета дека досегашниот градоначалник од Битола направил слепо црево, и дека граѓаните во неговата програма ќе препознаат амбициозен план тоа да се смени.

„Покрај оваа амбициозна програма“, вели Диневски, „јас на граѓаните им го нудам и своето големо политичко искуство стекнато од досегашната работа во Партијата и како пратеник во Параламентот“.

Во служба на граѓаните наместо на партијата

Доколку пак ги прашате битолчани каков градоначалник сакаат, најголемиот дел од нив ќе ви речат дека тој првиот ден кога ќе седне на фотелјата, треба да ја заборави партијата и да мисли на граѓаните. На масите на познатиот Широк сокак од едната страна седат млади луѓе. За нив најважно е да се создадат услови за нови вработувања.

Александар Талевски, кој речиси секое саботно утро го пие своето утринско кафе тука, покрај ова бара и подобри услови за спорт и рекреација, подобра соработка на Битола со другите градови на само од Македонија, но и од соседна Грција.

„Битола има прекрасни услови за развој, не само затоа што припаѓа на пелагонискиот регион, туку и прекрасниот Пелистер ги нуди своите убавини кои само некој треба да ги развие и да создаде клима за посета на странски туристи“.

Тој не ги негира заслугите на досегашниот градоначалник, но смета дека можело и повеќе доколку градоначалниците ги напуштат партиските стеги и повеќе се борат за градот, а локалните интереси ги стават пред партиските. Токму заради тоа за него независен кандидат, секако, доколку е квалитетен, би бил подобро решение за оваа функција.

Од другата страна на Широк сокак, на дрвените клупи се пензионерите, за кои токму пиењето утринско кафе е знак на безделничење и слика во каква состојба е државата.

„Градоначалникот треба да смисли начин да ги ангажира овие млади луѓе да работат, а  не да седат како министри“, вели Крсте Струмениковски, битолски пензионер.

Во Битола ќе сретнете и такви кои резигнирано ќе ви речат дека политичарите деновиве се најангажирани, но тоа, како што велат, кога ќе седнат на фотелјите, ќе им помине. Тогаш забораваат на оние што ги избрале и на своите ветувања.