1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Границите на НАТО

22 ноември 2010

НАТО сака подобри односи со Русија и и‘ нуди соработка во делот на противракетната одбрана на Европа. На самитот во Лисабон, Алијансата донесе заклучок и за повлекување од Авганистан до крајот на 2014 година.

https://p.dw.com/p/QFFg

„Дрезднер нојестен нахрихтен“ коментира:

„Алијансата во Лисабон, со тоа што на Москва и‘ подаде рака, отвори нова глава. Со тоа НАТО им го врти грбот на старите дефиниции за непријатели и се залага за прагматична политика на партнерство. Највидлив знак за тоа е вклучување на Русија во европски противракетен систем. Додуша, и по самоувереното ветување на рускиот претседател Дмитри Медведев, останува отворено прашањето дали проектот некогаш ќе биде спроведен, но за разлика од леденото доба, кога плановите за противракетна одбрана на владата на Буш ја возбудуваа Москва, сега климата е подобрена. НАТО, со оглед на заедничките интереси, и‘ се приближува на Русија, почнувајќи од темата Авганистан, преку Иран, се‘ до прашањето на енергијата.“

„Тагесцајтунг“ оценува:

„НАТО-самитот од Лисабон е уште една епизода во низата славени ’историски настани’. За жал, многу фаленото помирување со Русија постојано е прегазувано од секојдневието. Дали станува збор за НАТО-војната во Југославија или во Ирак, или пак марширањето на Русија во Грузија, постојано владее размислување како од времето на студената војна. Сепак, намерата заеднички да се анализира проблемот на европскиот противракетен систем е успех.“

„Ханделсблат“ нагласува:

„Се‘ едно дали Германците, Холанѓаните или Французите - сојузниците сакаат да си заминат од Авганистан. Повлекувањето би требало да почне од средината на наредната година, за Германија од 2012. Временскиот план зборува за интенцијата - пред сојузните избори во 2013 година првите војници на Бундесверот би требало да се вратени дома. Најдоцна до крајот на 2014 година Авганистанците би требало да бидат самите одговорни за својата безбедност. Тешко дека тогаш земјата конечно ќе се смири. Во најлош случај, неуспех во Авганистан би му покажал на НАТО каде му се границите.“

„Мителдојче цајтунг“ констатира:

„Новиот поредок на воениот сојуз не ги засега само оние што се членки, туку и оние кои стојат далеку пред вратите. Крајно време е државите во подем како Индија, Бразил, арапскиот регион, но пред се‘ Кина, да се прашаат какви односи ќе имаат со алијансата. Таа има неизречена, но јасна слика за непријателите. Нејзини непријатели се пријателите на Кина - Северна Кореја, Иран, Сирија, Судан, но и режимот во Мјанмар. Откако Русија почна да се приближува до алијансата, фронтовите се менуваат и не само Кина, со нејзината огромна глад за се‘ повеќе нови пазари, ќе мора да се праша на чија страна стои.“

Обработка: ЕМФ/БГ/дф/епд

Редактор: Александра Трајковска