1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Границите на слободата на печатот

Џенифер Фрачек / Елизабета М. Фиданоска17 мај 2013

Западните демократии, како САД, важат за гарант на слободата на печатот. Сепак, набљудување на новинари очигледно и таму не е табу. Дали такво нешто може да се случи и во Германија?

https://p.dw.com/p/18Zn9
Фотографија: Vladimir Voronin - Fotolia.com

Американскиот министер за правда Ерик Холдер прислушувањето на новинари од новинската агенција Асошиетед прес го образложи со тоа дека имало сериозно истекување на информации, од што произлегувала опасност по безбедноста на американските граѓани. Прислушувани се телефонски разговори со помош на кои може да се дојде до лица кои им даваат информации на новинарите.

Огорченоста на новинарите поради ваквата постапка е огромна. Така е и меѓу германските новинари. Здружението на германски новинари акцијата на прислушување ја оценија како „напад врз слободата на печатот“. Зашто без, честопати анонимни, извори на информации, истражувачко новинарство е тешко остварливо. Според експертите, малку е веројатно дека германските власти би можеле да посегнат по вакви мерки.

Што е „важно за безбедноста“?

„Тоа во Германија е незамисливо“, тврди првиот човек на Здружението на новинари во покраината Берлин-Бранденбург, Михаел Редиске, во разговор за ДВ. Германскиот Уставен суд како заштитник на Уставот, со кој е гарантирана слобода на печатот, високо ја цени слободата на информирање. Тоа може да се види и од пресудата во аферата „Цицеро“. Имено, канцелариите на магазинот „Цицеро“ во 2005 година беа претресени, поради тоа што беше објавен текст со информации од доверливо досие. Магазинот се жалеше поради рацијата и беше пресудено во негова полза.

Symbolbild Pressefreiheit
Слободата на печат во Германија високо се цени, а пресудите на Уставниот суд тоа го докажуваатФотографија: picture-alliance/dpa

Стравот од терористички напади и закани во САД, меѓутоа, имаат голема улога во односот со слободата на печатот, нагласува истражувачот на работата на медиумите, Волфганг Донсбах од Техничкиот универзитет Дрезден. Тој за ДВ оценува дека тоа што владите во вакви ситуации посегнуваат по средства како набљудување на новинари не е легитимно, но не е и сосема несфатливо.

При оправдувањето на ваквите акции, како и во случајот со АП, се појавува често поимот „инфоирмации релевантни за безбедноста“. Аргумент, кој според Редиске, кој е и прв човек на германската секција на Репортери без граници, не држи: „Ако станува збор за спречување злосторство новинарите се разумни за да не објават одредени информации. Но една информација да се означува како ’релевантна за безбедноста’ е позната игра на безбедносните органи.“

Повик од портпарол не е напад врз слободата на печатот

Кога новинарите дознаваат нешто од лица кои имаат пристап до доверлви информации, тие во основа тоа може и да го објават, вели Редиске. Кривично одговорно станува можеби лицето кое дава такви инфоирмации, поради што тие често остануваат и анонимни.

Michael Rediske Reporter ohne Grenzen und DJV
Михаел РедискеФотографија: dapd

Критично за новинарите станува кога тие од лицата со пристап до доверливи информации бараат документи. „Тоа би можело да биде означено како поттик за издавање државна тајна и за тоа се одговара кривично. Границата меѓу примање документи и поттик за издавање тајна, меѓутоа, е многу тешко да се определи“, објаснува Редиске. Во тој дел новинарите би морале да бидат подобро заштитени.

Набљудување и рации се едно, а обидите да се изврши влијание врз известувањето е друго. Постојано има случаи во кои портпароли на политичари или политичари лично се јавуваат во редакции за да издејствуваат промена на извештаи или да спречат објавување на извештаи. Донсбах во тоа не гледа напад на слободата на печатот: „Опасност за слободата на печатот постои тогаш кога новинарите се ставени под притисок дека нешто не смее да се тематизира.“ Тоа во Германија не е случај. Такви работи во Германија брзо би се обелодениле и за нив би се развиле дискусии. Редиске вели дека обврски имаат и новинарите. Ако попуштат под притисокот, тогаш се лоши новинари.

Symbolbild Medienfreiheit USA Berichterstattung
САД се на 32. место на листата на Репортери без граници за слбоода на печатотФотографија: DW/Fotolia/sahua d

Во рангирањето - на 17. место

На листата на Репортери без граници за слобода на печатот Германија се наоѓа на 17. место од 179. На врвот се пред се’ скандинавските земји. Таму заштитата на лицата информанти е уште подобра, објаснува Редиске. САД се на 32. место, меѓу другото и поради заштитата на информантите, која ја има само делумно, „поради тоа што работи ’релевантни за безбедноста’ играат поважна улога“, вели Редиске, додавајќи дека „судиите ги осудуваат новинарите кои не сакаат да ги наведат имињата на своите извори на информации“.