1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓаните маргинализирани во локалното одлучување

Свето Тоевски30 октомври 2012

Неучеството на граѓаните во локалните работи во општините во Македонија е реален проблем. Законските решенија за покренување иницијативи и предлози од граѓаните формално се добро востановени, но тешко се применуваат.

https://p.dw.com/p/16ZHE
Фотографија: DW

Овие загрижувачки констатации од годинашниов извештај за состојбата во локалната демократија во Македонија на Конгресот на регионалните и локалните власти на Советот на Европа, се надополнети и со забелешка дека „инструментите на директната и јавната партиципација не се употребувани често во праксата, поради слабото граѓанско општество и недостатокот на свест и на финансиски средства во општините.“

Додавајќи дека и „непостоењето демократска традиција и стравот од истапување во јавноста се дел од причините за ниската граѓанска партиципација во општините“, Илија Тодоровски, експерт за локална самоуправа од Правниот факултет во Кичево, истакнува: „Често граѓаните во голем број општини не се консултирани и се маргинализирани од советите и градоначалниците при донесувањето одлуки. Мнозинството од советниците и градоначалникот се усогласуваат во советите и тие не се толку демократски насочени, да се обраќаат до граѓаните, иако можат да се најдат исклучоци. Се уште не стигнуваме до критичната маса на состојби кога ќе се воспостави односот локална самоуправа - граѓани.“

„Не постои спона меѓу граѓаните и советниците“

ДВ праша дел од граѓаните на Тетово: колку се запознати со активностите на Советот на општината и колку се вклучени во донесувањето одлуки?

Tetovo
ТетовоФотографија: DW

Тие велат: 

„Советниците настапуваат во свое име, или со мислење само на партијата. Речиси и да не постои спона меѓу граѓаните и советниците.“; - „Решаваат како им одговара за своите прашања, а за нашите никој не не слуша.“; - „Самите решаваат партиски меѓу нив. Некогаш не ги прашуваат граѓаните: ниту за улици, ниту за ништо друго.“; - „Не сум учествувал во донесување никакви одлуки. Самите се прашуваат - самите одлучуваат.“

Ирфан Емини, претседавач на овој совет, одговара на забелешките на своите сограѓани: ,На интернет-страницата на општина Тетово се истакнати информации за секоја седница на нашиот совет, за секоја одлука. Повеќе од барањата одат преку советниците. Околу 70 отсто од сите советници се од партиска основа, но, сите тие ги претставуваат и интересите на средината од каде што доаѓаат. Советниците само 10 отсто можат да истакнат свои идеи: повеќето се идеи од нивниот крај, или партиски.“

По критиките на граѓаните, изнесувани повеќе од 10 години во медиумите, преку советниците во советот и на јавни протести, градоначалникот Сади Беџети и комуналниот совет годинава се зафатија со работа конечно да решат два најкрупни комунални проблема: изградбата на новиот водовод и на регионалната депонија за смет. Овие активности се интензивирани. 

Во анкетата на ДВ тетовци укажуваат: - „Треба да се одржуваат трибини, собири на граѓани, да има директни контакти не само на градоначалникот, туку и на советниците со граѓаните.“; - „Треба да има референдуми и почести собири на граѓаните, да бидат информирани што и како се работи.“

„Граѓаните не се заинтересирани да покренуваат иницијативи“

Емини е категоричен: „Граѓаните не се заинтересирани за покренување иницијативи. За три и пол години до општината се поднесени само 7-10 барања за различни прашања, не како граѓански иницијативи, туку повеќе како колективни барања, изнесени лично. Не може советот да организира референдум и иницијатива, а граѓаните да одлучуваат. За некои теми од општински интерес имало дебати, но, присуството на граѓаните било мало.“

Во овој контекст Тодоровски коментира: „Делумно се знае што се работи во општините во земјата: граѓаните не се сосема неинформирани, но, не се ниту целосно информирани. Нив никој не ги прашува, иако има исклучоци. Но, и граѓаните не се активни: имаат форми за учество – иницијативи, собири, референдум, ама не ги користат премногу често.“

Tetovo Mazedonien
Фотографија: DW

Во земјата шест години се спроведува проектот „Форуми во заедницата“, кој ги вклучува луѓето во локалното владеење. Со 5 милиони швајцарски франци од октомври 2007 до декември 2010 година во 25 општини беа изградени 50 инфраструктурни објекти. Тоа беа предлози на граѓаните во јавните дебати во „Форумите на заедницата“ во нивните средини. Од јули до ноември лани повеќе од 2 илјади граѓани учествуваа во расправите во 18 општини. Од 2012-2013 година во 24 општини со 1,4 милиони евра од нив и од Швајцарската агенција за развој ќе се градат нови објекти. Годинава во јуни во Карпош 330 граѓани дојдоа да кажат што е потребно во нивната средина. Тоа е рекорд на сите „форумски средби“ во шесте години.

Душица Перишиќ, извршна директорка во Заедницата на општини, посочува: „Изготвивме нова верзија на статутите на општините, во која и ’форумите на заедниците’ се начин на консултирање на граѓаните. Педесеттина општини тоа го вметнаа во статутите и ќе го применуваат.“

Конгресот на регионалните и локални власти препорача Македонија да го потпише „Дополнителниот протокол кон Европската повелба за локална самоуправа“ за правото на граѓаните да учествуваат во локалното владеење. „Форумите во заедницата“ се добар тренинг на граѓаните за тоа.