1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓаните на Истанбул ги штитат уличните мачки

ТП/ НР/ ард10 декември 2012

Што ги привлекува туристите во Истанбул? Знаменитостите како Аја Софија, културата или ноќниот живот? Малкумина знаат дека и уличните мачки се атракција на градот. Присутни се на секој чекор, но судбината им е неизвесна.

https://p.dw.com/p/16m9x
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во одредени туристички водичи за Истанбул мачките се нагласуваат како знаменитост на градот. Статистиката вели дека на секои пет квадратни метри има една улична мачка. Турската влада има намера да ги третира животните по примерот на ЕУ, па уличните мачки можеби ќе бидат отстранети од улиците. „Сакаат да ги затворат уличните животни. Но ние сакаме да живееме со нив, тие им припаѓаат на градот и граѓаните“, вели една жена. Таа и стотина граѓани протестираат против новиот владин план. „Европјаните ги држат животните како приватна сопственост. Нам ни е доволно животните да се околу нас. Тоа е разликата меѓу нас и европјаните“, објаснува еден демострант. Овие луѓе велат дека мачките се дел од Истанбул исто како и Аја Софија.

Омиленото животно на Мухамед

Мачката во исламската религија е речиси свето животно. Како што вели преданието, омилената мачка на пророкот Мухамед, бранејќи го од отровна змија му го спасила животот. Мачењето на животните во муслиманскиот свет се смета како еден од најтешките гревови. Колку Турците ги сакаат мачките илустрира и новинарот од првата програма на германската телевизија АРД Михаил Шрам, кој престојуваше во Истанбул за да го снима својот Блог за ориентот. „За пешаци како мене, сообраќајот во Истанбул може да биде опасен. Тука луѓето се љубезни, освен кога се зад воланот. Пешаците им пречат, но кога улицата ја поминуваат мачки- тогаш возачите нагло кочат.“

Goldenes Horn in Istanbul
ИстанбулФотографија: Fotolia/Jan Schuler

Взаемна љубов

Мачките се исто така навикнати на луѓето. Луѓето ги хранат на улиците, а тие им се приближуваат и низ парковите спијат во нивните скутови. „Храна за уличните животни најмногу купиваат пензионерите. Младите луѓе почесто се грижат само за сопствените мачки дома, но, со текот на годините доаѓа и грижата за животните на улица“, вели Хусеин Атилган од продавница за опрема за домашни љубимци.

Светските медиуми пренесуваа како претседателот на САД Барак Обама за време на посетата во Истанбул, пред Аја Софија застана да погали една улична мачка. Пред две години, мачката беше маскота на светското кошаркарско првенство во Турција. Веќе осум години уличните мачки се вакцинираат и потоа повторно се пуштаат на улица, но сега по угледот на ЕУ земјите, тие ќе треба да останат во прифатилиштата додека не најдат дом. Но, граѓаните на Истанбул ќе се борат против овој пропис до крај.