1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грдата страна на политиката

31 март 2009

18 години по осамостојувањето на Македонија, повторно под лупа е ставен демократскиот капацитет на државата. Странските дипломати во земјата се загрижени поради инцидентот што се случи на централниот плоштад во Скопје.

https://p.dw.com/p/HNHj
Фотографија: DW

Група млади луѓе се собраа да протестираат против изградбата на црква на плоштадот, но беа нападнати од побројна група на контрапротестанти. Насилното запирање на протестот е оценето како удар врз демократијата. Правото на мирни демонстрации е основна придобивка на секоја демократија, сметаат претставниците на меѓународниот фактор во Македонија.

Амбасадорите на САД, Европската унија и ОБСЕ бараат казна за виновниците. „Ако се открие дека се активисти на која било партија, треба да бидат избркани од неа веднаш, а тие настани треба да се осудат. Мирните протести се нормален дел на секоја демократија”, вели евроамбасадорот во Македонија, Ерван Фуере и додава дека инцидентот ја покажува грдата страна на македонската политика. За американскиот амбасадор, Филип Рикер е вознемирувачки и срамно што група насилници си земаат право да употребат сила и да спречат протест против планот на владата за градење: „Време е да се покаже политичка зрелост, да се изнесат пред правдата одговорните за тоа и да се дозволи мирно изразување на мислењата на луѓето во оваа демократија”, изјави американскиот дипломат. Амбасадорот на ОБСЕ, Хозе Луис Хереро го осуди инцидентот како неприфатлив: “Во општествата кои се во транзиција, како што е случајот овде, луѓето треба да направат напор за да ги одбегнуваат радикализацијата и екстремизмот“, вели амбасадорот на ОБСЕ.

Реагираат и невладините организации

Освен демократскиот капацитет, саботниот инцидент отвора и други дилеми - за секуларниот карактер на државата загарaнтиран со уставот и за човековите права на одделни групи граѓани. Се огласија невладините организации.

„Нас не‘ викаа шиптари, не‘ викаа педери, наркомани, лезбејки и комунистички свињи“, изјави Кочо Андоновски од Асоцијацијата за слободна сексуална ориентација.

Flagge USA EU Symbolbild
ЕУ и САД реагираат - време е да се покаже политичка зрелостФотографија: AP Graphics/DW

Инцидентот ги подели и универзитетските професори. Се конфронтираа професорот Ванчо Мускатов и ректорот на универзитетот Велимир Стојковски:

„Универзитетот не може да остане надвор, и покрај збиднувањата политички и какви било други“, рече Мускатов, кој вели дека оние што протестирале се „наши студенти пред се‘“. На ваквиот став на Мускатов, Стојковски одговори: „Професоре, политиката оставете ја надвор. Ние сме автономна институција. Држете се до автономијата и до работењето на универзитетот. Тоа што се случува надвор, на улица, не е работа на универзитетот во овој момент.“

Опозициската СДСМ обвини дека пратеници на ВМРО ДПМНЕ биле потткикнувачи на насилството, а владеачката партија најави дека ќе ги исклучи сите кои се вмешани во инцидентот. Полицијата синоќа (30.03.2009) соопшти дека идентификувала 20-мина од напаѓачите.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска