1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грижите и стравовите на Германците во 2010

19 септември 2010

Германците се’ повеќе се плашат од иднината: најмногу од лоша економска состојба, од природни катастрофи и од тоа некому да му паднат на товар во староста - покажува долгорочната студија „Стравот на Германците“.

https://p.dw.com/p/PG1E
Фотографија: dpa - Report

И покрај светската економска криза, стравот од невработеност е намален за 4 проценти во споредба со 2009 година и изнесува 61 насто. Со оваа бројка стравот од невработеност се наоѓа на шестото од вкуно 16 места на ранг листата, што претставува изненадување во студијата што ја спороведува една голема осигурителна компанија секоја година, почнувајќи од 1991.

Германците имаат најмногу парични грижи. Речиси 70 проценти се плашат од покачувањето на цените. Истиот процент испитаници се плашат од лоша економска состојба, што е типично за германскиот народ, вели професорот на универзитетот во Хајделберг, Манфред Шмит.

Euro Starter-Kit
Фотографија: AP

„Очигледно е дека во германскиот народ и понатаму е присутен елементарен и длабок страв поврзан со нестабилноста на цените и валутата. Мислам дека тоа може да се објасни преку историскиот развој на Германија.“

Шмит укажува на тешките валутни кризи од времето на Вајмарската Република и кусо по Втората светска војна. Но и покрај загриженоста околу валутата и економската состојба, се забележува мало намалување на стравот од невработеност и стравот од губење на работното место.

Природни катастрофи

Оваа студија, која се спроведува веќе 20 години, покажува дека со текот на времето се’ повеќе расте стравот од природни катастрофи. Резултатите покажуваат дека 64 проценти од населението се загрижени за тоа. Причината за ваквата состојба лежи во зголемениот број на поплави во Европа, но и на катастрофи како земјотресот на Хаити.

Humanitäre Hilfe / Kroatien / Haiti / Ruinen
Урнатини на ХаитиФотографија: Tihomir Streklj

Загриженост постои и во врска со работата на политичарите. Се’ повеќе граѓани не веруваат во компетентноста на политичарите при решавањето на нивните проблеми.

Намалени разликите меѓу исток и запад

20 години по паѓањето на Берлинскиот ѕид се забележува приближување на грижите и стравовите на Германиците од поранешните две државни твроби, вели Шмит и го наведува следниот пример:

„Важноста на политиката за заштита на животната средина е еден од примерите за приближувањето. Долго време западните покраини на Германија беа многу поотворени за ваквиот тип на проблеми отколку источните. Меѓутоа токму на ова поле дојде до големо зближување меѓу Истокот и Западот. Ова може да се гледа и како израз на изменетиот состав на населението, како и на фактот што дваесет години двата дела на Германија се вклучени во ист медиумски пејсаж кога станува збор за политичките дебати. Очигледно е дека ова води кон приближување во ставовите.“

60 Jahre Bundesrepublik Mauerfall
Заеднички стравови 20 години по обединувањето: граѓани на Берлинскиот ѕидФотографија: picture-alliance/ dpa

Источна и западна Германија станаа толку слични што разликите во иднина нема повеќе да бидат предмет на истражување.

Голема загатка

Истражувачите на јавното мнение не успеаа да ја решат загатката зошто Германците најмалку се плашат од распаѓање на партнерството - и тоа во време кога бројот на разводите е постојано во пораст. Можеби тајната лежи во тоа што испитувањето не се обиде да открие дали прекинот на врската луѓето повеќе ги плаши или ги прави среќни.

Автор: Бенјамин Хамер/Љубинка Божиновска

Редактор: Горан Чутаноски