1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски бара од иселениците да инвестираат во Македонија

ЕМФ/миа18 јули 2012

Македонскиот премиер Никола Груевски од макеоднската дијаспора побара да инвестира во Македонија. Тој денеска зборуваше на Третата годишна конференција на иселеничките организации што се одржува во Скопје.

https://p.dw.com/p/15ZZd
Фотографија: MIA

На конференцијата што се одржува денеска и утре (18/19.07) се присутни претставници на иселенички организации од Европа, Австралија, Северна и Јужна Америка. Отворајќи го собирот, премиерот Никола Груевски, рече:

„Ваквите собири и манифестации имаат додадена вредност и претставуваат силен поттик да останеме единствени, непокорни, силни и истрајни пред предизвиците со кои се соочуваме денес, да ги потврдиме и промовираме нашата традиција и нашиот македонски идентитет и македонски јазик.“

Според Груевски, интерес на Владата и натаму ќе остане зачувувањето и унапредувањето на врските и соработката со дијаспората. Тој им оддаде признание на иселениците кои низ разни форми работеа на зачувување на врските со својата држава, на зачувувањето и промовирањето на националниот и културниот идентитет на Македонците во светот, како и промоцијата на државните интереси на Република Македонија. Притоа ги охрабри да продолжат во таа насока, посебно во време кога Македонија се бори за своето место во развиените европски демократии и пазарни економии.

Nikola Gruevski Ministerpräsident Mazedonien
Фотографија: MIA

„Вашата истрајност во негувањето, развивањето и афирмацијата на македонскиот национален, културен, јазичен и духовен идентитет го потврдивте во повеќе наврати преку вашите активности во бројните здруженија, црковните општини, културни друштва, хуманитарни организации, спортски клубови, играорни друштва и слични организации. Тие повеќе од сите други сведочат дека чувството за македонските корени не е ниту малку заборавено, напротив дека е широко распространето насекаде низ светот каде живеат Македонци“, истакна премиерот и додаде дека негувањето и унапредувањето на врската на Македонците од дијаспората со својата татковина, како и нивната инволвираност во развојот на земјата се едни од најзначајните интереси и приоритети на Владата.

Посочувајќи ги реформите што Владата ги презела за да ја подобри бизнис-климата и да привлече странски инвеститори, Груевски рече дека особено е значајна и соработката и привлекувањето инвестиции од дијаспората, која има значајна улога во спојувањето на два глобални приоритета за македонската економија - поттикнувањето странски инвестиции и извозот на македонскиот производ.

Groß.jpg
Фотографија: DW

„Очекуваме вие да најдете цврст економски бизнис-интерес во таквите проекти. На наша страна е да создадеме соодветна бизнис-клима. Емотивната страна во сето тоа треба да биде, условно да кажеме, некој вид катализатор. На ваша страна тоа да биде исполнување на желбата да бидете во што е можно потесен контакт со татковината“, им порача на иселениците премиерот.

Конференцијата на иселениците е собир на претставници на околу 140 организации. На конференцијата, која е во организација на Агенцијата за иселеништво, годинава се дебатира за мајчиниот јазик, зачувувањето на културата, државјанството, а ќе биде организиран и мини бизнис форум.