1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски верува во убедлива победа на локалните избори

СН/АТ/макфакс/миа16 јуни 2012

Македонскиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во својот говор на прославата на 22. роденден на партијата порача дека партијата и во иднина ќе продолжи да работи напорно и со новитети на сите теми.

https://p.dw.com/p/15GKY
Фотографија: AP

Ќе победиме на локалните избори наредната година, рече премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на прославата на 22-годишнината од формирањето на партијата, што во вчера (15.06.2012) се одржа во Скопје.

„Ќе победиме! И тоа со сериозна разлика. Затоа што сум убеден дека граѓаните
го ценат ова што го правиме, гледаат дека од срце се трудиме нешто да
подобриме, и го вреднуваат тоа, прават разлика помеѓу сите нас на
политичката сцена, гледаат кој се занимава со држење стандардни, веќе традиционални поетични говори, во кои ништо не нудат, ниту кажуваат, а кој работи и се труди, кој се нервира и живее со судбината на нашата татковина и на нејзините граѓани, кој работи искрено и со срце, а кој со блеф и игри. Ќе
победиме! Заедно со граѓаните, останувајќи верни на нивните потреби и желби и работејќи за нивно добро. Онака како што знаеме, со засукани ракави, без штедење на силите и гледајќи ги во очи, свесни дека има уште многу пред нас, уште многу заеднички дела, и уште многу заеднички предизвици, но и уште многу заеднички победи", рече Груевски.

Благодарност до оние што малициозно критикуваат

Посебна благодарност, Груевски упати до, како што рече, оние кои се исмеваат со проектите на владата и на партијата, малициозно критикуваат, па дури и навредуваат со најгруби лаги и манипулации.

„На пример се сеќавате на онаа лага дека ќе се срушела северна трибина од стадионот Филип Втори, дека новите автобуси ќе паднат на некоја кривина, или дека апаратите во здравството никогаш нема да проработат, или субвенциите нема да стигнат до земјоделците и што уште не слушнавме досега и сите тие мислеа дека така ќе не обесхрабрат, или дека ќе ги дефокусираат граѓаните да не го гледаат она што го работиме и сме го работеле, а тоа се преку 2.000 проекти, мерки и реформи досега", рече Груевски.

Anhänger der regierende VMRO DPMNE Partei
Фотографија: Agentur MIA

Натамошни новитети и проекти

„Не би сакал денеска да навлегувам и да го окупирам времето со нашите планови, проекти, и следни чекори, тоа многупати досега сме го дискутирале и објаснувале, а и понатаму ќе го правиме тоа. Тоа што е важно е дека секогаш бараме и се обидуваме да нудиме одговори на сите, буквално сите теми, од економијата, здравството, земјоделието, образованието, па до внатрешните и
надворешните работи. Така и ќе продолжиме. Постојано со новитети и силен пресинг на теренот", рече Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека во владејачката партија има место за сите. „За сите има место кај нас, буквално за сите. За секој кој сака да се приклучи, без разлика дали досега бил член на некоја партија или не, без разлика на неговата верска или етничка припадност, има место за секој кој сака да придонесе со својот потенцијал, работа и идеи, да направиме нешто повеќе, да создадеме нешто подобро. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ на својот 22 роденден.
Партија без стереотипи, туку со принципи, организација без суети и предрасуди, туку со силен фокус и желба и работа за подобро", рече Груевски. ВМРО-ДПМНЕ е формирана на 17-ти јуни 1990 година.