1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Грција е главната пречка за влез во ЕУ

ЖА/миа29 декември 2013

Најголем проблем е јужниот сосед. Не сме идеални, но основите услови за почеток на преговорте се исполнети. Останатите стандарди се исполнуваат во текот на преговарачкиот процес, вели премиерот Никола Груевски.

https://p.dw.com/p/1Ai8k
Фотографија: MIA

Премиерот Никола Груевски во новогодишното интервју за МТВ најави во наредната година нови инвестиции, големи инфрaструктурни проекти и зголемување на платите во јавниот сектор, на пензиите и на социјалната помош.

Веќе во март ќе има зголемување на пензиите и на социјалната помош за пет отсто, а во декември и на платите за пет проценти, рече Груевски. Тој ги отфрли критиките на опозицијата дека буџетот за 2014. година е неразвоен, посочи дека со него е предвидено зголемување на расходите за капитални проекти, што ќе значи и нови инвестиции.

Во 2014-та не е планирано зголемување на даноците. Напротив, рече Груевски, намален е данокот на добивка од 10 на 0 проценти за нејзино реинвестирање, а во повеќе сектори ДДВ е намалено од 18 на 5 проценти. Тој истакна дека има најави од поголем број компании за инвестирање во Македонија, најмногу од секторот автомобилската инсдустрија, во Кичево, во Струга и други места.

Премиерот рече дека е подготвена и финансиска конструкција за сите големи инфраструктурни прокети како што се автопатските делници Скопје - Штип и Кичево- Охрид. Изградбата се очекува да почне во втората половина на февруари со финансиска конструкција договорена со партнери од НР Кина.

Како голем инфраструктурен проект Груевски ја најави и гасификацијата, која, како што посочи, треба да почне со средства од долгот на поранешниот СССР кон Македонија, а остатокот најверојатно со средства од ЕБРД. Груевски ги негира и обвинувањата дека Македонија е високо задолжена земја. Напротив, вели, Македонија е една од најмалку задолжените земји, четврта најмалку задолжена држава во Европа, јавниот долг е 34% од БДП и нема причина за загриженост.

„Секое ново задолжување е добро пресметано и нема проблем за враќање на доспеаните обврски“, рече претседателот на Владата.

Во економскиот дел тој наведе и дека покрај намалените даноци, Македонија има најниски трошоци за бизнис, а преку потпишаните договори за слободна трговија има пристап до пазар со стотици милиони потрошувачи. Како најголем успех во неговиот премиерски мандат го смета намалувањето на невработеноста од 38 на 28 проценти во, како што рече, тешко време под удар на надворешна економска криза, кога насекаде во соседството, низ Европа и низ светот невработеноста расте.

Како неуспех, пак, Груевски го посочи доцнењето на исплатата на плаќањата од буџетот, што со владините мерки беше надминат.

Рамковниот договор ја исполни целта

За односите со ДУИ во владината коалиција, Груевски рече дека е точно оти има разлики за одредени прашања, но оти со дијалог се решаваат.

„Има разлики за многу работи, но ние за тоа разговараме, за некои се најдени решенија, за некои не. Не криеме дека имаме различни позиции за некои работи, но се среќаваме и со дијалог и почитување бараме решенија“, истакна премиерот.

Истиот прицип, вели тој, се применува и за надминување на несогласувањата кои предизвикуваат меѓуетнички и меѓуверски тензии, односно да се решаваат со разговори преку институциите на системот. Според него, Рамковниот договор ја исполни целта - донесе мир. Владата работи на негово целосно имплементирање, но проблем, како што додаде, е што често се толкува на различни начини.

„За жал, живееме едни покрај други, а не едни со други. Потребен е дијалог, во што голема улога имаат политичките субјекти. Македонија нема друг избор освен сите да живееме заедно“, рече Груевски.

Во врска со критиките за развојот на демократијата, тој оцени дека обвинувањата се од луѓе кои во 90-те кога биле на високи позиции вршеле груби притисоци врз медиумите.

„Не сме безгрешни, но сега е неспоредливо подобро од времето на СДСМ и на оние кои критикуваат“, рече Груевски.

Во Македонија нема политички затвореници

Тој ги негира и обвинувањата дека во Македонија има политички затвореници.

„Во Македонија нема политички затвореници. Оние неколку луѓе за кои тие зборуваат дека се политички затвореници се луѓе кои што направиле одредени кривични дела кои се докажани со аргументи и факти. Судот ги разгледал во една, друга, трета инстанца и го потврдил тоа. Тоа што некој сака да ги прикажува како жртви и како политички затвореници, тоа е дел од политичката манипулација на дневна основа“, истакна Груевски.

Во врска со случајот на Томислав Кежаровски, премиерот појасни дека се работи за дело објавување заштитен сведок и оти законот по кој се пропишува казна за ова дело е донесен во времето на СДСМ. Груевски смета дека случајот треба да му се остави на Судот да одлучува. Тој посочи дека му е жал што еден новинар од Македонија е во притвор и рече дека тоа надвор поинаку се перцепира бидејќи таму никој не навлегува во суштината на оваа ситуација.

За обвинувањата дека се прават поделби на предавници и патриоти, премиерот смета дека се без основа.

„Нека извадат една реченица каде некого сум нарекол предавник. Тоа е измислица“, вели Груевски.

Во контекст на надворешната политика, претседателот на македонската влада рече дека Македонија останува фокусирана на ЕУ и на Америка, но ги развива релациите и бара интерес за соработка со земји кои биле запоставени како Кина, Русија, Канада, Австралија, Сингапур,...

За проблемот со Грција и блокадите што таа ги поставува, Груевски смета дека Македонија има многу сојузници и поддржувачи, но засега се немоќни да ја убедат Атина да го смени ставот. Приоритет на тие земји им се економските проблеми во ЕУ и еврозоната, и состојбата не е таква некоја земја отворено да излезе против Грција. Тие се најмногу заинтерсирани да се реши економската криза и можноста за притисоци кон Грција е насочена да ја убедат да ги спроведува економските мерки за да не ги загрозува нив и да си ги врати долговите, оцени македонскиот премиер. Според него, проблемот што го наметна Атина е главната причина за блокирањето на процесот на евроинтеграција.

„Македонија доби петта препорака за почеток на преговорите со ЕУ. Се предлага старт не преговорите без одлагање, што досега не беше спомнувано во претходните извештаи. Најголем проблем е јужниот сосед. Не сме идеални, но основите услови за почеток на преговорте се исполнети. Останатите стандарди се исполнуваат во текот на преговарачкиот процес“, рече Груевски.

Проблемот со Бугарија е повеќе вештачки отколку реален

Односите со сите други соседи, според премиерот Никола Груевски, се добри. Со Бугарија, како што вели, проблемот е повеќе вештачки отколку реален, и од ситни работи се прави крупен проблем.

„Нека извадат една реченица каде сум имал националистичка реторика кон Бугарија“, забележа Груевски, додавајќи оти Македонија сака добри односи со Софија и затоа се води директен дијалог за надминување на сите отворени прашања.

Во врска со претстојните претседатели избори и кој ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Владата вели дека за тоа прашање во партијата ќе се расправа во почетокот на наредната година преку вообичаените партиски процедури. Предвремени парламентрани избори не се планираат, но не се исклучени ако се создаде таква атмосфера.

„Претседателот Иванов прилично добро си ја врши работата. Прашањето кој ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ планираме да го отвориме во почетокот на наредната година, преку партиски процедури и дебати. Имаме могу можности и добра позиција и ќе почнеме кога ќе дојде време. Преку демократска процедура ќе се реши кој е најдобар кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, без оглед дали ќе биде партиски и непартиски“, рече Груевски.

Според него, опозиција е во понезавидна положба, а уште нема истакнато кандидат.

„Ако го погледнета јавното мислење, опозицијата е таа што треба да брка резултат, а тоа не го прави“, додаде премиерот.

За можноста заедно со претседателските да бидат одржани и предвремени парламентарни избори, Груевски рече дека не се фокусирани на предвремени избори и оти засега нема ситуација за тоа. Но, ако бидат доведени во прашање нашите проекти и се искреира атмосфера за предвремени избори, тоа не го исклучуваме, истакна претседателот на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто за Македонската Радио Телевизија.