1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Да направиме силна држава

ЕМФ/миа/макфакс29 август 2012

Македонскиот премиер Никола Груевски пред македoнските иселеници во Торонто рече дека ќе работи на силна македoнска држава и зајакнување на економијата, како и затворање на македонското прашање.

https://p.dw.com/p/15zMw
Фотографија: MIA

„Сакаме да направиме силна држава, да се заврши приказната со македонското прашање и да се запечати нашата националност, јазик и идентитет. Да направиме посилна економска држава, да донесеме повеќе странски инвеститори и да ги охрахбриме и помогнеме домашните инвеститори“, рече премиерот Никола Груевски на средбата со македонските иселеници во Торонто.

Тој им се заблагодари на иселениците за нивната непоколеблива поддршка.

„Во овие прашања ако од некаде имаше непоколеблива поддршка тоа беше од македонската дијаспора од Канада, од Америка, од Австралија. Тоа е голем придонес. Можеби вие тоа не го чувствувате толку многу, но тој што е изложен на притисоци, тој кој е изложен на критики, а тоа сме во моментот ние и целата група што работи со мене, целиот тим, нам тоа многу ни значи. Многу ни значи тоа што не ја заборавате Македонија“, рече Груевски.

На средбата во Торонто пред македонските бизнисмени беа презентирани и можноститe кои Македонија ги нуди за развивање бизнис релации, а со што ќе се овозможи размена на потенцијали, стоки и услуги. Иселениците ја поддржуваат политиката и евро-атлантскиот пат по кој чекори Македонија, што според нив е вистинската насока за развој и просперитет на државата.

Македонскиот владин тим, во чиј состав се и заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко - индустриски развојни зони Виктор Мизо, претходно во Монтреал на средба со канадски бизнисмени ги претстави можностите за инвестирање во Македонија.