1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Демонстрантите се изманипулирани

АМ/миа5 мај 2012

Вчерашните (04.05) протести во Скопје нема да влијаат значително врз меѓуетничките односи, оценува премиерот Никола Груевски. Тој тврди дека МВР има цврсти докази дека притворените се поврзани со убиството на петте лица.

https://p.dw.com/p/14qZ9
Фотографија: AP

Македонскиот премиер Никола Груевски вели дека во сите мултиетнички држави секое дејство поврзано со одреден етникум може да се толкува на различни начини.

„Овде станува збор за граѓански протест кој имаше одредена етничка димензија, која беше очигледна во вчерашниот настан, но не верувам дека ќе влијае значително, затоа што наскоро ќе започне судската расправа, ќе се обелоденат доказите и луѓето ќе разберат дека станува збор за сериозни докази и дека не станува збор за етнички работи, затоа што убиство е убиство, независно кој го направил и дали бил Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин, Бошњак или која било друга националност. Не можеме да кажеме дека ако некој е од одредена етничка припадност - тоа треба да го оправдаме. Тоа треба да се осуди“, укажува премиерот Груевски.

Тој вели дека во сите демократски држави честопати има ситуации кога организаторите на одредени протести знаеле да ги изманипулираат граѓаните, кои честопати дејствувале под емоции, а понекогаш и под заблуда, иако подоцна можеби многу од нив сфатиле дека во моментот биле изманипулирани.

„Како и да е, од она што сум информиран од МВР, можам да потврдам дека министерството има обезбедено цврсти докази, кои ќе ги презентира пред судот, за убиството на петте лица кај Смиљковското Езеро и времето ќе покаже дека тие докази се она што е вистината, а не она што мислам дека некој ги манипулира луѓето. Во секој случај го почитуваме правото на протест и сериозно пристапуваме кон анализирање на таквите настани“, изјави Груевски по промоцијата на новата опрема на Клиниката за урологија во Скопје.

Премиерот рече и дека понекогаш опозициските партии ги злоупотребуваат ваквите моменти, без да посочи на кого мисли.

Mazedonien Polizei Razzia Terrorismus Islamismus
Груевски тврди дека на суд ќе се докаже оти приведените се поврзани со убиствотоФотографија: MIA

„Во оваа прилика имаше една од опозициските партии која на некој начин предизвика со своите соопштенија или изјави негативни реакции во ваков правец, но сите тие партии на некој начин со тек на време ќе губат поени кога работите ќе излезат на површина. Ќе се достават доказите и ќе се обелоденат пред судот и мислам дека потоа нема да им биде пријатно што така дејствувале во даден момент“, рече Груевски. Ваквите манипилации, додаде тој, нема да дозволиме да имаат влијание врз судството.

„Како и во многу други случаи, тоа мора да покаже цврстина, во смисла на опстојување на вистината независно каква е, која е и кој ја презентира - таа мора да се почитува. Затоа судијата е судија да оди по правдата, по својата совест и по законот“, истакна премиерот Груевски.