1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски за ДВ: “На дијаспората да и се овозможи да гласа“

Тони Гламчевски3 август 2006

Интервју со мандатарот Никола Груевски направи Тони Гламчевски

https://p.dw.com/p/Ac4P
Никола Груевски
Никола ГруевскиФотографија: AP

Прашање:

Г-дине Груевски, вие избравте прославата на најголемиот македонски празник - Илинден да ја поминете со иселениците во Трново, зошто?

Одговор:

“Чувствувам дека овде честопати имаше запоставување на овој собир, тие исто така се собираа по повод верскиот и државниот и национален празник – Илинден. Нив поретко им се посветуваше внимание. Јас веќе подолг период имам посериозни и посилни контакти со Македонците што живеат надвор од Република Македонија. Често ги посетував во Америка, неколку пати низ Европа, жалам што не стигнав и во Австралија. Требаше и таму да отидам на почетокот на оваа година, но веста дека изборите ќе бидат порано ме задржаа во Република Македонија, за да ја завршам работата за која што работев овие години.

Јас секогаш се чувствувам пријатно кога сум со нив и ги споделувам убавите моменти со нив. Тие и помагаат на Македонија, помагаат преку помошта на своите роднини и пријатели. Со испраќањето на финансиската помош, тие практично и помагаат на целата држава. Нивните трансфери собрани заедно, се втори по големина од ставките во трансферите во платниот биланс на Република Македонија. Тие искрено ја сакаат Македонија длабоко во своите срца, многу од нив тежнеат да се вратат еден ден во Република Македонија и очекуваат нешто да се подобри, за да живеат во приближно нормално општетство, какво што е општеството во кое најчесто живеат тие. Чувствував дека е добро да сум тука и да бидам со нив и да испратам неколку пораки.

Од она што го кажав во мојот говор, меѓу другото дека стоиме на ветувањето што го дадовме на изборите, дека новата влада треба да и обезбеди можност на македонската дијаспора да гласа на изборите во дипломатските и конзуларните претставништва на Република Македонија во државите каде што нив ги има. “

Прашање:

Што очекувате Вие во замена од Македонската дијаспора?

Одговор:

“Знаете, јас немам некои преголеми очекувања. Јас имам очекување дека тие и понатаму ќе бидат добри амбасадори на Македонија. Имам очекувања дека ако ние го средиме нашиот систем, не велам да го средиме и да биде идеален, никој од нив не очекува да биде идеално, нашиот народ е скромен, тој очекува барем малку подобро, барем малку поодбри услови, па многу од нив да почнат да размислуваат за враќање во Македонија и за инвестирање на својот капитал и правење профит тука, во Република Македонија.

Значи, не очекувам дека тие треба да ги фрлат своите пари за Македонија, тие тешко ги заработија, но очекувам профитот да почнат да размислуваат да го прават тука во Македонија. Македонија ќе нуди се повеќе услови за тоа. Ќе имаме многу пониски даноци, ќе имаме најниски даноци во Европа. Ќе имаме подобар систем, не најдобар, не идеален, не безгрешен, но подобар од овој што е сега. Поодговорна влада, поодговрни политичари, значи една нагорна линија на прогрес, што верувам дека полека, полека, ќе почне да ги интересира нашите Македонци што живеат надвор, кој по пензијата, кој пред пензијата, да почнат да се враќаат во Република Македонија.

Самиот факт, што сега се обидувам, не знам дали ќе успеам, но се обидувам да привлечам Македонци од дијаспората да влезат во структурите на власта на клучни позиции, и пред се Македонци кои се успешни во земјите во кои што живеат во Европа, Америка и други држави, тоа покажува дека јас сметам на нив. Мислам дека тие се потребни и дека многу од нив можат да помогнат, секој според своето образование и можности. Во моментов сум во преговори со неколку Македонци од САД, од Австралија и од Европа. Не знам со кого успешно ќе ги завршам преговорите, бидејќи не е мала одлука за некој што работи во некоја позната банка или голема компанија и со години се пробил за да дојде на некоја силна позиција, сега така лесно да ја напушти. За многумина од нив тоа е чест и предизвик, но понекогаш имаат фамилијарни и други видови обврски, кои што не можат во еден даден момент да ги напуштат. Како и да е, јас верувам дека неколку од нив ќе успееме да ги мотивираме да дојдат во Македонија. И тоа што очекуваат некој да го направи, да го направат тие, да ја добијат шансата да го направат тие. “

Прашање:

Кога зборувате за македонската дијаспора ги опфаќате сите македонски државјани, како што убаво рековте во говорот - македонски државјани?

Одговор:

“Да, убаво и прецизно реков, прилично прецизен сум кога зборувам, државјани на Македонија. Знатете и во духот на Крушевскиот манифест е да се повика на заедништво на сите граѓани од државата, кои што независно од нивната верска или национална припадност, што значи Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Власи, Роми итн. , кои што живеат со нас, кои што го делат со нас ова парче земја. Ние мораме да разбереме дека овде, за секогаш ќе живеат Македонци, и за секогаш ќе живеат Албанци, и за секогаш ќе живеат Турци, и за секогаш ќе живеат Роми, и за секогаш ќе живеат Бошњаци, Власи, Срби. И ние во тој дух, мораме да го градиме мултиетничкото живеење. Не смееме да имаме илузии дека нешто ќе се промени. Ниту пак да го посакуваме тоа. Зошто да не живееме заедно и зошто да не ја градиме нашата иднина заеднички со сите разлики кои ги имаме и со почитување на тие разлики?“