1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски за „Ди Пресе“: Вината е кај Самарас

СН/бг/макфакс17 декември 2013

Според македонскиот премиер, неговиот грчки колега по функција Андонис Самарас ја изградил сопствената кариера преку националистичка реторика и конфликтот со Македонија. Неговите гледишта не се сменети, вели Груевски

https://p.dw.com/p/1AavL
Фотографија: MIA

Соочени сме со фактот дека нема директни разговори повеќе од година и половина, поради тоа што другата страна нема решение за спорот и не сака да разговара, а климата се влоши значително со новата грчката влада во средината на 2012. година, изјави премиерот Никола Груевски (насловна фотографија) во интервју за австрискиот весник „Ди Пресе“.

„Грција е вешта во тоа да нe претстави како тврдоглави националисти, и поради ова, самата таа е одговорна за блокадата. Убедувањето во ова е многу полесно кога самата земја е членка на ЕУ и НАТО и комуницира секојдневно со останатите членки. А внатре во ЕУ, пак, не е потребно да се адресира економската криза која доаѓа од Атина, за да се побара компромис. Грците ова го знаат и се во удобна позиција“, изјавил Груевски.

Македонскиот премиер, исто така, нагласил дека земјата пет години по ред добива позитивна препорака од Европската комисија, но Европскиот совет не презема ништо по ова, а единстеното објаснување за ова е солидарноста со Грција.

Груевски не е оптимист во поглед на грчкото претседателство со ЕУ, кое стартува од почетокот на следната година, но смета дека останува на останатите земји членки да и покажат на Грција дека солидарноста има свои граници. Исто така, се работи и за почитувањето на меѓународното право, бидејќи Меѓународниот суд на правдата во Хаг во 2011 година донесе одлука во полза на Македонија, порачал Груевски.

Според македонскиот премиер, во поглед на билатералниот проблем во Грција, виновникот е грчкиот премиер Андонис Самарас.

EU-Gipfel in Brüssel Antonis Samaras 24.10.2013
Грчкиот премиер Андонис СамарасФотографија: picture-alliance/dpa

„Тој е еден од двајцата креатори на овој проблем. Во 1991 година заедно со тогашниот грчки премиер Константинос Мицотакис, тие го започнаа овој проблем, кој претходно не постоеше. Самарас ја изгради сопствената кариера преку националистичката реторика и конфликтот со Македонија. Како министер за култура во 2008 година, грчката стратегија беше следната, Атина мораше да го одложи решението сѐ додека Македонија не се распадне и биде поделена меѓу своите соседи. Денес тој користи поинаков вокабулар, но јас сметам дека неговите гледишта не се променети“, вели Груевски во интервјуото за „Ди Пресе“

Запрашан за тоа дали сепак е можен компромис сe додека Самарас е на чело на грчката влада, Груевски вели дека за да се постигне еден ваков компромис, Македонија би требало да се согласи на сите грчки барања, а тоа веќе не претставува компромис. Во моментот, расположението меѓу двете страни за постигнување на некакво решение е на најниско ниво, а полош партнер за Македонија, од сегашната грчката влада не може да има, изјавил македонскиот премиер, додавајќи дека не би шпекулирал околу тоа дали би можело да постигне решение, доколку се промени власта во Грција.

Економската криза не е главната причина поради тоа што Атина не сака да разговара за спорот за името, смета Груевски, но додава дека со ова секако ситуацијата сe повеќе се комплицира, и и дава алиби на Атина пред нејзините европски партнери.