1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Им изгледа полесно да не‘ притискаат нас

ЕМФ/макфакс28 јуни 2013

Негативните извештаи за Македонија се друг облик на притисок во спорот со Грција, со што ЕУ наоѓа алиби за останувањето на РМ надвор од нејзините рамки, изјави македонскиот премиер Груевски во интервју за „Дневник“.

https://p.dw.com/p/18xtV
Фотографија: AP

Македонскиот премиер Никола Груевски во интервјуто за весникот „Дневник“, меѓу другото, вели: „Сега притисокот врз нас во спорот со Грција е во друга форма и се манифестира преку различни негативни извештаи за Македонија, што истовремено е и обид за изнаоѓање алиби зошто Македонија не влегува во ЕУ и во НАТО. Поточно, тоа е алиби за нивната немоќ и за немањето волја и интерес на големите сили да ја разрешат оваа неправда што ни ја прави Грција. Треба да најдат виновник за тоа“.

Според премиерот, цел свет знаел зошто Македонија не влезе во НАТО и не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ: „Единствена причина е што не прифативме промена на идентитетот на Македонците и на името на државата, а и таа промена да е по мера, да не речам по избор на Грција, истовремено одбегнуваат преговори и очекуваат се‘ да биде како што тие бараат. Секоја година добивавме позитивен извештај од ЕУ. Истото е и со НАТО и таму за членство недостига само согласност од Грција. Навистина не сакам да звучи ова како некакво алиби, никогаш не сум бегал од преземање одговорност, но тоа е факт и не можам да измислам некој друг одговор, освен да ја кажам вистината“, вели Груевски.

Македонскиот премиер оценува дека меѓународниот притисок врз Македонија за компромис можеби би се намалил, доколку „ние сме единствени за ова прашање“:

„Некако полесно им личи да притиснат кај нас отколку кај нив. Покршливи им личиме однадвор со неединството. Повеќето од нив не навлегуваат длабински во спорот и површно го третираат, па им личи дека штом во Грција сите се единствени за една позиција, а во Македонија има многу политичари што ги поддржуваат грчките позиции, а не македонските или барем изразуваат спремност за попустливост, тогаш, веројатно, проблемот е до нас“, вели Груевски.

Со годините, според премиерот, се променил видот на меѓународниот притисок врз Македонија, кој порано бил повеќе директен, а сега е повеќе индиректен, преку разни извештаи:

„И за да се оправда тоа, ќе дојдат не само од ООН и од ОБСЕ, туку секакви можни експерти за човекови права, медиуми, судство, администрација и што ли уште не, со однапред изготвени извештаи. Ќе прошетаат во државата за да се види дека биле и божем истражувале и на крајот ќе најдат доволно причини зошто Македонија не треба да оди напред во евроинтеграциите. Вториот ефект на овој притисок има цел да влијае врз владејачкото мнозинство, праќајќи порака дека ако не попуштиме, ќе имаме лоши извештаи, кои ќе имаат ефект и врз гласачкото тело во Македонија.“