1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски и Попоски со Бан Ки Мун за името

25 септември 2011

Македонскиот премиерот Никола Груевски и министерот за надворешни работи Никола Попоски синоќа (24.09) во Њујорк се сретнаа со генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун. Притоа, станало збор и за спорот со името.

https://p.dw.com/p/12g5J
Никола Груевски и Бан Ки МунФотографија: MIA

„Го информиравме генералниот секратер на ОН за нашата целосна посветеност во процесот кој се одвива под покровителство на ОН и дијалогот кој сакаме дополнително да го интензивираме на сите нивоа, а се однесува на спорот кој нашиот јужен сосед го наметна за уставното име на Република Македонија. Изразивме благодарност до генералниот секретар за неговата иницијативност и изработката на извештајот од страна на експертот за национални малцинства на ОН Геј Мекдугал кој се однесува на состојбите на македонското национално малцинство во Република Грција“, изјави Попоски по средбата.

Тој рече дека од македонска страна е изразено „уверување и посветеност дека имаме можност да ги надминеме преостанатите пречки во рамки на нашите приоритети за остварување на членство во НАТО и ЕУ и оти ќе можеме да се посветиме на посветла иднина во која дополнително ќе развиваме конструктивни и продуктивни односи со сите наши соседи, вклучувајќи го и нашиот јужен сосед“.

„Ние знаеме кои сме“

Претходно, македонскиот премиер Никола Груевски, во говор пред Генералното собрание на ОН, подвлече дека Македонците знаат кои се и како ќе живеат. „Замислете во каква виртуелна ситуација се наоѓаат моите граѓани, уценети, со блокиран развој и перспектива, заради блокадите од страна на нашиот сосед за влез во евроатланските институции, само заради тоа што сме, односно заради тоа што се чувствуваме“, рече Груевски.

UN Vollversammlung Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski
Груевски зборува пред Генералното собрание на ОНФотографија: MIA

Тој потсети дека за среќа, 131. земја од светот избраа да ја признаат државата под името со кое самата се нарекува - Република Македонија, и се заблагодари за тоа. „За жал, правилата во светот се така уредени што не можеме да бидеме наречени онака како што самите се нарекуваме токму во ова тело - Обединетите Нации - ниту пак, можеме да се приклучиме кон организациите за зачленувањето за кои работевме напорно и, во случајот на НАТО и ЕУ, го заслуживме правото да станеме дел од овие организации. И искрено, ова е погрешно. Не постои друг збор за тоа. Она што ќе решите да го сторите во врска со тоа, вашето однесување, целосно зависи од вас“, нагласи Груевски.

Претседателот на македонската Влада во својот говор рече и дека граѓаните во Македонија се трудат да инкорпорираат, без асимилација или претопување во доминантната култура. „Ние се гордееме со различностите и ги сметаме за свое богатство. Ние, како и секоја друга нација во светот, имаме право на идентитет и обединување околу сопствен национален мит. Во нашиот мит има место за Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати. За сите кои ги прифаќаат вредностите кои ја величаат ненасилноста, правдата, соживотот и културниот натпревар... Но, нашата одговорност и зрелост не би сакале да биде сфатена како слабост, или пак да биде предмет на континуирана злоупотреба од било кого, затоа што од друга страна не смееме да заборавиме на достоинството и гордоста“, нагласи, меѓу другото, Груевски.

Автор: ЕМФ/АТ/миа

Редактор: А.Трајковска