1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски најави предвремени парламентарни избори

Б. Георгиевски/макфакс1 март 2014

Македонскиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски најави распуштање на парламентот и одржување предвремени парламентарни избори. Груевски тврди дека тоа е во национален интерес.

https://p.dw.com/p/1BHwQ
Фотографија: MIA

Македонскиот премиер Никола Груевски денеска (01.03.2014) најави предвремени парламентарни избори, откако коалициониот партнер ДУИ покрена иницијатива за распуштање на актуелниот парламентарен состав.

ВМРО-ДПМНЕ ја прифаќа фрлената ракавица од ДУИ и прифаќа одржување на предвремени парламентарни избори заедно со вториот круг од претседателските избори, кои се закажани за 27 април, истакна Груевски на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на која најголемата владејачка партија избира свој кандидат за претседателските избори.

„Поради државен и национален интерес, ќе одговорам дека се прифаќа одлуката за предвремени парламентарни избори, кои ќе се одржат на истиот ден кога се одржува и вториот круг на претседателските избори“, истакна Груевски.

Тој укажува дека доколку не беа прифатени предвремените парламентарни избори постоела опасност вториот круг од претседателските избори да биде неуспешен, со што државата би влегла во длабока политичка криза.

„Јасно е зошто бараат консезуален кандидат – за да не го добијат! Тие одат на обид да пропаднат изборите и да бараат промена на Уставот за во иднина претседателот да се бира во Собранието“, рече Груевски.

Тој оцени дека ДУИ преку уцени сака да дојде до едно од трите раководни места во државата и нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ не подлегнува на уцени и закани.

„Во изминатите недели и месеци ги слушнавме изјавите на ДУИ дека ќе ги бојкотираат изборите, ќе излезат од Владата и ќе бараат предвремени парламентарни избори. Во 2008. на 63 пратеници ништо не им пречеше. Подоцна, откако во 2011. добивме 56 пратеници гледаме различно лице на коалициониот партнер“, изјави Груевски.

Пратеничката група на Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска официјално достави иницијатива до Собранието на Република Македонија за распуштање на актуелниот парламентарен состав. Како причина за ваквиот потег од ДУИ го наведуваат одбивањето на нивниот предлог да се прифати консензуален кандидат за претседател на државата, како и потребата од преземање чекори кон интеграцијата на државата во евроатлантските структури „Тргнувајќи од програмските определби и конзистентните ставови, а во интерес на граѓаните и државата, ДУИ доставува предлог за усвојување на Одлука за распуштање на овој парламентарен состав“, се вели во образложението на ДУИ.