1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Не сакаме да си направиме штета

24 јуни 2010

Има и политичка волја и смелост за решение за името кое нема да направи сериозни штети ни нам, ниту на другата страна, но не очекувајте решение набрзина со кое ќе си направиме штета, изјави македонскиот премиер Груевски.

https://p.dw.com/p/O1oR
Никола ГруевскиФотографија: DW/Musliu

Во рамките на денешната седница на македонскиот парламент, посветена на пратенички прашања, македонскиот премиер Никола Груевски одговорашае и на прашањето од Имер Селмани од Нова демократија -дали е подготвен и дали има волја и смелост за прифаќање компромисно решение за да престанат загубите на државата.

Истакнувајќи дека станува збор за 20-годишен спор кој го решавале повеќе влади и прашање кое не е лесно и едноставно, Груевски кажа дека на моментните загуби од нерешавањето на спорот треба да се гледа како на спречување поголема штета.

„Прашање е како се гледаат работите. Значи, ако се гледаат од еден агол може тоа да ви личи на загуба, но ако се гледаат од друг агол може да се каже дека можеби во моментот е спречување на некоја поголема штета, затоа што ако по секоја цена во даден момент се оди да се прифати некое решение, тоа истовремено решение може да не биде како што велите вие загуба на Самитот, туку друга поголема штета за Република Македонија и за нејзините граѓани, вклучувајќи го и македонскиот народ пред се‘ во оваа приказна“, рече Груевски.

Се разбира, додаде Груевски, дека има и волја, ќе има и смелост доколку се изнајде решение коешто нема да направи крупни и сериозни штети ни на едната, ниту на другата страна.

Mazedonien Das Parlament in Skopje
Фотографија: Petar Stojanovski

„Ние не сакаме да има штети ниту на нивна страна. Нам не ни‘ е желба некому да направиме штета, меѓутоа не сакаме да има штета и кај нас, како што не сакаме ништо да одземеме, не сакаме ни нам да ни одземат. Од тој аспект, бидете убедени дека кога се прашувате дали имаме некоја загуба не го гледајте само едниот моментум и едната страна, гледајте ја целината затоа што целата работа има две страни“, истакна Груевски.

Не очекувајте решение набрзина

Тој посочи дека треба да се дојде до ситуација во која ќе се најде решение што би било прифатливо за мнозинството граѓани и доколку не прави сериозна штета.

„Ние сме по потрага по такво решение. Затоа и разговараме, затоа и Метју Нимиц е активен, врши консултации, бара начини, бара идеи и ќе продолжиме да бидеме посветени на тоа прашање, но не очекувајте од нас да најдеме набрзина решение со коешто долгорочно ќе си направиме штета, со коешто можеби ќе затвориме еден проблем, а ќе отвориме друг можеби многу поголем од тој што ќе го затвориме“, посочи Груевски демантирајќи дека Владата купува време.

Интерес на Република Македонија, укажа Груевски, е да се најде некое решение, да се нормализираат односите со Грција, да „бидеме деблокирани за НАТО и ЕУ, да одиме напред, но како што многу пати сме разговарале и дискутирале исклучително е важно во тоа решение да се внимава да не се направи некоја посериозна штета за Македонија, за граѓаните и пред се‘ за македонскиот народ којшто е директно засегнат во оваа ситуација“.

Автор: ЕМФ/миа

Редактор: Жана Ацеска