1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски не ја коментира колумната на Ахмети

ЖА/миа15 април 2013

Македонскиот премиер Никола Груевски одби да ја коментира колумната на лидерот на ДУИ, Али Ахмети во „Дневник“, во која тој порача дека е дојден моментот за храбри одлуки, решение за името и влез во НАТО.

https://p.dw.com/p/18GBs
Фотографија: MIA

Во основа не би коментирал колумни, секој има право да даде свое мислење, да изрази свој став. Има право и Али Ахмети и Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Тито Петковски, а имаат право да си го кажат своето мислење и претставниците на меѓународната заедница, нагласи македонскиот премиер Никола Груевски денеска по барање на новинарите да ја коментира колумната на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Се разбира и јас имам право да имам свое мислење и да имам свој став за одредени работи, но имам и обврска пред граѓаните на Република Македонија, дури и она што е мој став и мое мислење да не го спроведам без да ги прашам нив на организиран референдум“, изјави Груевски по промоцијата на последните 20 изданија од проектот „Превод на литературни дела на добитници на Нобеловата награда за литература“, со што е заокружена едицијата од 145 наслови.

Тој истакна дека ниту има намера, ниту сака да спречува некого да пишува колумни, да изразува свои ставови.

„Она што е моја задача е да отворам очи, да внимавам што правам и секако за секое сериозно односно крупно решение да го консултирам народот и граѓаните на Република Македонија“, рече Груевски.

На прашањето дали чувствува притисок за можно решение за името, тој потенцира оти не може да каже дека гледа некој притисок, затоа што, истакна, „сум навикнат на многу поголеми притисоци од тоа што вие очигледно го гледате како притисок“.

„Станува збор засега за шпекулации, а јас не би навлегувал во шпекулации. Ова е премногу сериозно прашање за да навлегуваме во шпекулации“, појасни премиерот одговарајќи на новинарското прашање дали можното решение за прашањето за името е Горна Република Македонија. Груевски не сака да прејудицира и за тоа дали е можно брзо решавање на прашањето за името. Во врска со најавеното доаѓање утре на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, одговарајќи на новинарското прашање Груевски дециден дека тој не знае за што ќе се разговара и не би сакал да прејудицира за тоа.