1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски одлучил да има избори веднаш и сега!

22 февруари 2011

Во директно обраќање до лидерот на СДСМ, Црвенковски, актуелниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски повика на избори за да се види „кој е за транзициска, а кој за реформска Македонија“?

https://p.dw.com/p/10Lt9
Груевски изборите ги планира за крајот на април или почетокот на мајФотографија: AP

ВМРО-ДПМНЕ на синоќешниот Извршен комитет донесе одлука за брзи и неодложни парламентарни избори, соопшти денеска на прес-конференција лидерот на партијата и премиер Никола Груевски кој притоа го повика лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски достоинствено да ги прифати.

„Избори ќе имаш веднаш и сега, без одлагање, доблесно и достоинствено да прифатиш. Ајде на избори да видиме која е народна, а која ненародна власт“, му се обрати Груевски на Црвенковски за кој рече дека веќе пет месеци бара избори и блефира, додавајќи дека без трикови треба да се соочи со неговиот блеф. Според неофицијални информации, власта изборите ги планира уште кон крајот на април или почетокот на мај.

Груевски подготвен да исполни два услови

Груевски нагласи дека изборите мора да бидат фер и оти нема да дозволи граѓаните и Македонија да бидат заложници на личните амбиции и интереси на Црвенковски.

„Тоа мора да бидат фер избори. Ова е специфична состојба. Државата и СДСМ се заложници на Црвенковски кој деспотски без консултација со партиските органи си носи одлуки водејќи се само од сопствениот лукративен интерес“, рече Груевски. Тој најави дека ќе побара „широка меѓународна поддршка“ за потврда на легалноста на изборите.

Mazedonien Wahlen 3
Фотографија: DW

Груевски најави и дека е подготвен да исполни два од поставените услови на опозицијата, доколку СДСМ се врати во Собранието: промената на изборниот законик, и стопирање на сите јавни кампањи до завршување на изборите. Според извори во владејачката ВМРО-ДПМНЕ, изборите би се одржале дури и ако СДСМ одлучи да ги бојкотира.

За претседател на Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ повторно е избран Мартин Протогер. Ставот на ДУИ, како што соопшти Груевски, е идентичен со ставот на ВМРО-ДПМНЕ по прашањето на предвремените избори.

СДСМ останува надвор од Собранието

По прес-конференцијата на Груевски, од СДСМ кратко соопштија дека партијата останува надвор од Собранието се додека ваквиот став на премиерот е на сила.

„Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ воопшто не се подготвени да ги прифатат условите за воспоставување на нормален политички дијалог и за враќање на СДСМ во Собранието. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ немаат намера да го прифатат исполнувањето на предусловите за одржување на слободни, фер и демократски предвремени избори“, се наведува во писменото соопштение на СДСМ. Сите последици за Република Македонија од ваквата ситуација ќе ги сноси директно Никола Груевски, заклучуваат социјалдемократите.

Mazedoniens Opposition erringt Sieg bei Parlamentswahl
Црвенковски последен пат ја предводеше СДСМ на парламентарни избори во 2002 годинаФотографија: dpa

Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски вчера ја прифати понудата на Груевски за предвремени избори, но само доколку претходно се исполнат условите на неговата партија, кои СДСМ претходно ги постави за враќање во Собранието.

Од СДСМ бараат симнување на блокадата на сметките на телевизијата А1, весниците „Време“, „Шпиц“, „Коха е Ре“, и прочистување на избирачкиот список, а се откажуваат од барањето министерот за правда да се тргне од Судскиот совет. Според проценката на СДСМ, доколку се исполнат овие услови, предвремените парламентарни избори би се одржале во средината на јуни.

Автор: Александар Чомовски/миа

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема