1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Под овие услови спорот за името нема да се реши ниту за 100 години

10 декември 2009

Македонскиот премиер Никола Груевски од Бон порача дека Македонија ги завршила сите обврски кон ЕУ и дека сега останува на Брисел да одреди датум за преговори во наредните шест месеци.

https://p.dw.com/p/KyMt
Премиерот Никола ГруевскиФотографија: Petr Stojanovski

Македонија ќе ги продолжи преговорите за изнаоѓање компромис околу спорот за името со Грција, но премиерот Никола Груевски не е сигурен дека другата страна посакува решение. „Ќе ги продолжиме разговорите во потрага по решение, но Грција не сака да има решение. Грција поставуваше такви услови, што јас му реков и на Папандреу дека тој и во наредните сто години со такви услови нема да најде Влада која ќе му ги прифати барањата“.

Македонскиот премиер го брани ставот дека во Брисел во вторникот се случила софистицирана варијанта на ветото од Букурешт, но и признава оти и други земји-членки на Унијата биле против одлуката Македонија да добие датум за почеток на преговори. Кои се тие земји, Груевски одбива да каже за да не им наштети на државните интереси. Сепак, за него Грција останува главниот кочничар.

Бугарија ја поддржа Македонија

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, чија земја неофицијално беше посочувана како една од оние кои ја блокирале одлуката за датум, во изјава за Дојче веле ги демантираше таквите информации. „Нашиот став беше таков како што се договоривме со премиерот Груевски. Бугарија ја поддржа Македонија и се надеваме дека тоа ќе биде ценето во вашата држава“.

Според Борисов, информациите за бугарска блокада ги пуштаат оние кои сакаат да ги влошат односите меѓу двете држави. Тој одбегна да одговори дали Македонија може да се надева на датум за преговори за време на шпанското претседателство, но очекува да се реши спорот за името со Грција.

Апел да не се заборави Балканот

Инаку, премиерот Груевски од вчера е во Бон на конгресот на Европските народни партии. Тука е и новиот лидер на опозициската Неа Демократија во Грција, Антонис Самарас. По двата состанока со социјалистот и актуелен грчки премиер Јоргос Папандреу, се очекуваше дека Груевски ќе се сретне и со неговиот идеолошки колега, Самарас, но засега таква средба не се најавува.

Од конгресната говорница Груевски упати апел до присутните да не го забораваат Балканот. „Граѓаните на Македонија, Србија, Хрватска, Босна, Црна Гора и Косово сакаат да живеат во обединета Европа, бидејќи нивниот европски дух и идентитет се неспорни“. Истовремено, тој и порача на ЕУ дека Македонија го завршила својот дел од задачата со исполнувањето на сите поставени критериуми. Сега е на ред ЕУ да го направи следниот чекор и да понуди датум за почеток на преговори во првата половина од следната година, изјави македонскиот премиер.

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема