1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Предлогот на Нимиц од 2005. немаше гаранции за идентитетот

СН/ЕМФ/макфакс31 мај 2012

На седницата за пратенички прашања на македонското Собрание се разви жестока дискусија меѓу премиерот Никола Груевски и пратеници од опозицијата за тоа кој што направил или не во спорот за името со Грција.

https://p.dw.com/p/155SM
Фотографија: AP

Пред самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година се согласивме предлогот на медијаторот Метју Нимиц, кој беше наречен конечен, да биде ставен на референдум доколку и Грција го прифати, рече премиерот Никола Груевски на седницата за пратенички прашања.

По тврдењето на пратеникот Јани Макрадули дека Груевски го прифатил предлогот Република Македонија (Скопје) со одложено решавање на идентитетските прашања, премиерот одговори дека единствено била дадена согласност предлогот да биде ставен на референдум доколку и Грција го прифати.

„Имајќи предвид дека Грција не го прифати, предлогот не беше ставен на референдум. Тоа не е прифаќање. Тоа е само согласност да им се даде можност на граѓаните во пресрет на НАТО самитот во Букурешт да се изјаснат дали таквиот предлог е добар или не е добар, дали е прифатлив за мнозинството граѓани или не е прифатлив за мнозинството граѓани. Во такви клучни моменти кога се одлучува на некој самит, нормално и природно е, ако веќе сме се декларирале дека за прашањето конечниот збор ќе го имаат граѓаните на референдум, нормално е да им ја дадете таквата можност, се разбира ако другата страна го прифати и постои некаква шанса тоа да стане конечно решение“, рече премиерот Груевски во одговорот на прашањето на пратеникот Макрадули од најголемата опозициска партија СДСМ.

Mazedonien Parlament Skopje
Фотографија: AP

„Решение со куп нејаснотии“

Прашан за одбивањето на предлогот на Нимиц од 2005 година, Груевски порача дека со него не се гарантирал македонскиот идентитет.

„Петнаесет години говоревте за двојната формула, за подоцна вашиот претседател Бранко Црвенковски да каже дека би прифатил, прво беше политичка одредница, па би прифатил и географска одредница, ама за идентитетот не би прифатил. Па во 2005-та година се согласи за решение што немаше ни ’Г’ од гаранции за идентитетот, решение во коешто сосема беше нејасна позицијата поврзана со јазикот, решение во кое имаше еден куп други нејаснотии поврзани со идентитетот и решение коешто веќе претходниот ден Грција го имаше одбиено категорично и јавно“, рече Груевски.

„Сте ја виделе ли во архивата документацијата за предлогот од 2008. година и записникот каде што Вие се согласувате за предлогот Република Македонија (Скопје) со одложено решавање на идентитетските прашања? Го знаете писмото од министерот за надворешни работи Антонио Милошоски до Генералниот секретар на Обединетите нации каде пишува дека Вие сте се согласиле за Република Македонија (Скопје)? Сте го виделе господинот Лазар Еленовски што го праќате сега во Брисел со изјавата дека Вие сте се согласиле? Господине Груевски, дали прифативте или дадовте согласност, тоа лекторите нека утврдуваат кој збор важи, ама знаат и американскиот амбасадор и господинот Нимиц, впрочем и вие знаете дека во 2008 година се согласивте пред одењето во Букурешт за предлогот Република Македонија (Скопје) со одложено решавање на идентитетските прашања. Во 2005 година ако се прифатеше предлогот и ако не теравте инает, денеска во графата во ОН за јазикот ќе пишуваше Macedonian, за државата Republic of Macedonia, а за државјанството ќе пишуваше тоа што пред биометриските ќе го пишуваше во сите пасоши – Република Македонија. Вие тоа го одбивте“, реагираше во репликата пратеникот Макрадули.