1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски препорачува дислокација на Топилница

15 ноември 2011

По протестите на жителите на Велес против рестартирањето на Топилницата во градот, се огласи и премиерот Никола Груевски. Тој им препорачува дислокација на инвеститорите

https://p.dw.com/p/13As8
Никола ГруевскиФотографија: Petr Stojanovski

Инвеститорите да размислат за просторна дислокација на Топилницата, на место кое на ниту еден начин нема да предизвикува оправдани стравови кај велешани, односно место каде што ќе се смета дека нема да ја загрозува безбедноста и здравјето на граѓаните на Велес, препорачува премиерот Никола Груевски по разгледување на можностите за евентуално нејзино рестартирање.

„Владата е подготвена да и‘ помогне на компанијата во процесот на дислокација, доколку компанијата ја прифати препораката. Владата поддржува отворање на нови фабрики кои отвораат нови работни места, но сепак пред се‘, и над се мора да биде здравјето на луѓето“, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Доколку компанијата ја дислоцира Топилницата на место надвор од градот Велес, таа ќе мора да ги примени највисоките еколошки стандарди.

Demo für Schutz vor Umweltverschmutzung in Mazedonien
Атмосферата на протестите против рестартирањето на Топилницата во ВелесФотографија: DW

Препораката на премиерот Груевски до инвеститорот, како што се наведува, е донесена по реакциите во јавноста, анализата на силните и слаби страни на процесот, на можните ризици, согледување на изнесените ставови и перцепциите на јавноста, како и консултации со познавачи на приликите, почитувајќи ги стратешките определби за заштита и унапредување на здравата животна средина, определбите за креирање на бизнис клима за развој на економијата и привлекување инвестиции, земајќи ги во предвид и почитувајќи ги ставовите на граѓаните на општината и градот Велес.

Компанијата "Метрудхем" претходно најави рестартирање на Топилницата, но се соочи со жесток отпор од граѓаните на Велес и од невладините организации кои организираа протести.

Автор: БГ/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска