1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Таква ни е кармата

ЕМФ/миа7 јули 2013

Македонскиот премиер Никола Груевски во интервју за Нетпрес зборува за односите со ЕУ и НАТО, а оценува и дека односите во коалицијата со ДУИ се влошени, но се‘ уште на одржливо ниво.

https://p.dw.com/p/193Nh
Фотографија: MIA

Со констатацијата „се трудиме односите да се добри“, македонскиот премиер Никола Груевски одговара на прашањето за односите со ДУИ во коалицијата и објасува: „Имаме несогласувања. За некои наоѓаме решенија, за некои се‘ уште не. Реков еднаш и пак ќе кажам, односите со ДУИ во првиот и во вториот мандат не се исти. Во вториот се влошени, но се‘ уште на одржливо ниво. Се‘ додека имаме тренд на зголемување на стандардите во сите сфери, ќе има логика нашето коалицирање.“

Премиерот нагласува дека „ако има недоразбирања со ДУИ, не значи дека има недоразбирања со сите Албанци“ и додава: „Мислам дека некои политичари од желба да им се додворат на своите електорати забораваат на некои посуштински работи. На пример, Албанците во Македонија, изучувањето на македонскиот јазик го започнуваат од четврто одделение, а на англиски од прво одделение. Постои отпор, и двата да се изучуваат од прво одделение. Од друга страна, согласно закон, македонските ученици можат да го изучуваат албанскиот јазик факултативно во училиште, но речиси никој не го прави тоа. Политичарите ова го премолчуваат за да не загубат политички поени односно за да не бидат погрешно разбрани и нападнати од политичкиот противник. Се прашувам каде не води ова? Ако сега веќе не живееме едни со други, туку едни покрај други, како ли ќе биде по 20 или 30 години. Како ќе се разбираме меѓусебе? Со преведувачи, или на англиски? Тоа се суштински проблеми, а не дали претседателот на Собрание седницата ќе ја води на македонски или албански јазик, во услови кога преносот на телевизија, Албанците го добиваат со албанска надсинхронизација.“

Зборувајќи за односите на Македонија со НАТО и ЕУ, премиерот најавува дека „Македонија веројатно и по 2014-та извесен период ќе остане во мисија во Авганистан со намален број војници, со цел тренинзи и обуки на авганистанските безбедносни сили“. Тој вели: „Членството во ЕУ и НАТО, и покрај сите неправди кои ни се случуваат, останува наш врвен приоритет. Тоа е интерес на Македонија, но и на регионот. Во крајна линија тоа е интерес и на ЕУ и на НАТО. Попречувањата кои ги имаме се наш предизвик со кој мора да се справуваме. Таква ни е кармата. Историски гледано никогаш ништо лесно не сме добиле и постигнале и никогаш ништо не ни било подарено. Се’ е со огромни напори и жртви, со попречувања и попречувачи, а за неправди, пак, да не зборуваме. Но, сме успевале, и ќе успеваме. Еден ден некој ќе се срами од ова што ни го прават.“

Членството во ЕУ е од интерес за Македонија, нагласува Груевски: „Јас не знам дали после 20, 30 или 50 години ќе ни биде интерес тоа членство. Впрочем, како што може да се влезе, може и да се излезе во некое друго време ако тоа го налагаат околностите и интересите. Но, сега имаме интерес да влеземе во ЕУ. Не само заради структурните фондови кои се огромни пари, туку и заради многу други користи кои една мала земја од ваков турбулентен регион ги добива со членството.“