1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грузија: Водство на опозицијата

К. Нагел/дпа/ Е.М.Фиданоска2 октомври 2012

На парламентарните избори во Грузија, по пребројани гласови во една десетина од изборните единици, води опозициониот коалициски сојуз „Грузиски сон“. Владејачката партија не се предава.

https://p.dw.com/p/16IVQ
Фотографија: DW/Amalia Oganjanyan

Во Тбилиси славје како Грузија да освоила прво место на Светско фудбалско првенство - колони автомобили со сирени, лица што зрачат радост. Калуѓерки мавтаат со знаменца на кои е бројот 41, бројот на листата на опозициониот сојуз на милијардерот Бидзина Иванишвили. Млади луѓе излезени до појас низ прозорците на автомобилите исто така мавтаат со знамиња, меѓу кои се и оние на ЕУ и НАТО, зашто и тие се сини како што е бојата на опозицијата.

Десетици илјади луѓе во текот на ноќта ја славеа победата на опозициониот сојуз „Грузиски сон“, без да ги знаат фактичките резултати од изборите. Непосредно по објавувањето на прогнозите, луѓето почнаа да се собираат на Плоштадот на слободата, затоа што според сите прогнози, опозицијата водеше со значителна предност. Лидерот на опозицијата Иванишвили се прогласи за победник.

„Првпат во историјата на Грузија народот преку избори ја смени власта. Сега мора да се сплотиме, да заборавиме се‘ што било и да изградиме нова Грузија. Најмалку сто места во парламентот ни припаѓаат нам.“

Опозицијата очекува провокации

Parlamentswahlen Georgien
Фотографија: DW/Amalia Oganjanyan

Претседателот Михаил Саакашвили предупреди дека не треба да се избрзува со заклучоци. Тој призна дека неговата партија загубила во главниот град, но додаде дека Грузија не се состои само од Тбилиси, туку и од регионите. Портпаролот на неговиот изборен штаб изјави дека владејачката партија, благодарение на многуте директни мандати, ќе има и натаму солидно мнозинство во парламентот. Изјави што не ја зачудуваат опозицијата. Иракли Зизијашвили вели:

„Очекуваме провокации, фалсификати на изборите, затоа што Саакашвили се‘ уште не е подготвен да ја предаде власта.“

Системот на пребројување на гласовите, мешавина на мнозински и пропорционален модел, е компликуван. Досега се пребројани гласовите во една десетина од изборните единици и како што соопшти Изборната комисија, засега води опозицискиот сојуз на милијардерот Бидзина Иванишвили со 57% освоени гласови. Владејачката партија на претседателот Михаил Саакашвили има 38% освоени гласови.