1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грузија избира нов претседател

Ж.А/дв/афп/миа27 октомври 2013

Во јужнокавкаската држава денеска (27.10.2013) се избира нов претседател наследник на Михаил Сакашвили, кој дојде на власт пред десет години по т.н. Револуција на розите, а веќе нема право да се кандидира.

https://p.dw.com/p/1A6qf
Фотографија: dapd

По еднодецениското владеење, претседателот Михаил Сакашвили (на насловната фотографија) не смееше да се кандидира повторно за функцијата. За фаворит на денешниот прв круг од гласањето се смета Георги Маргвелашвили, кој е кандидат на владеачката коалиција „Грузиски сон“ на премиерот, милијардер, Бидзина Иванишвили, што победи на парламентарните избори одржани минатата есен. Евентуалниот избор за претседател на 44-годишниот Маргвелашвили, кој е филозоф по образование, би ја засилила власта на „Грузиски сон“. Можно е, меѓутоа, тоа да не трае долго, бидејќи Бидзина Иванишвили изјави дека ќе поднесе оставка по претседателските избори. Маргвелашвили е екс-министер за образование и поранешен вицепремиер. Тој е недоволно познат во јавноста. Неговата главна надворешнополитичка цел е да ги продолжи тесните врски на Грузија со Западот, но и со Русија - баланс, што земјата и онака не успеа да го постигне.

Главни соперници на Маргвелашвили се Давид Бакрадзе (41), кој беше номиниран од партијата на Сакашвили „Единствено национално движење“, и Нино Бурдзанадзе (49). Бакрадзе беше претседател на парламентот од 2008. до 2012. година и е математичар по образование. Бурџанадзе е една од водечките фигури на грузиската Револуција на розите од 2003. година. Кога Сакашвили беше избран за претседател, таа стана претседател на парламентот, но поднесе оставка на почетокот на 2008. година и почна да го критикува постигнатото од претседателот во областа на демократијата. Бурдзанадзе е адвокат по образование.

Според анкетата на Националниот институт за демократија Маргвелашвили во првиот круг ќе освои 39 проценти од гласовите, Бакрадзе - 18 проценти, а Бурдзанадзе - 13 проценти.