1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грузија и Молдавија поблиску до Европа

АТ/ афп/дпа/ ртр29 ноември 2013

Две поранешни советски републики и ЕУ на Самитот за источно партнерство во Вилнус го парафираа Договорот за асоцијација и слободна трговија. Наспроти ова Укрина и натаму сака да остане во чекалницата на Унијата.

https://p.dw.com/p/1AQc5
Фотографија: JANEK SKARZYNSKI/AFP/Getty Images

Поранешните советски републики Грузија и Молдавија се приближуваат кон Европа. Претставници на ЕУ и двете земји на Самитот за источно партнерство го парафираа Договорот за асоцијација и слободна трговија. Азербејџан потпиша договор за визно олеснување. „Тоа е важна пресвртница“, рече претседателот на ЕУ Комисијата Жозе Мануел Барозо во Вилнус. Барозо најави дека договорите со Грузија и со Молдавија би требало да бидат потпишани идната година. Потоа би можеле да стапат во сила. „Нашите стопанства ќе бидат потесно поврзани“, истакна Барозо. Речиси сите царински рампи треба да паднат. Шефот на ЕУ самитот Херман ван Ромпој рече дека ЕУ ги почитува земјите и дека не извршила никаков притисок врз нив.

Жестока критика од претседатлката на Литванија

По промената на курсот од страна на Украина во процесот на приближување кон ЕУ не беше потпишан амбициозниот Договор за асоцијација со оваа земја. Домаќинот на самитот, претседателката на Литванија Далиа Грибаускаите рече дека понудата за пактот со Украина и натаму е на маса. Таа ја обвини украинската влада дека ја води земјата во погрешна насока со тоа што кажа „Не“ за Договорот за асоцијација. Украинскиот претседател Виктор Јанукович не бил подготвен неговата земја да напредува во интеграцијата со ЕУ, изјави Грибаускаите на вториот и последен ден на Самитот за источно партнерство на ЕУ. Актуелното раководство во Киев се одлучило за тоа, „да го стопира напредокот во својата земја“.

Грибаускаите до последен момент се залагаше на самитот да биде потпишан Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Украина. Вчаравечер меѓутоа соопшти дека по сѐ изгледа аргументите на ЕУ за жал не допреле до Јанукович. Јанукович минатата недела го откажа планираното потпишување на Договорот за асоцијација, поради руските закани со трговски казни.

Јанукович: Потпишување во „скора иднина“

Во Вилнус Јанукович меѓутоа јасно укажа дека во основа и натаму се придржува до целта за Договорот за асоцијација со ЕУ. „Јас ја потврдувам намерата на Украина, Договорот за асоцијација да биде потпишан во блиска иднина“, рече тој пред новинарите во Вилнус. Пред еден договор за интеграција меѓутоа ЕУ би морала да ѝ пружи економска помош на неговата земја.

EU Gipfel Litauen Merkel und Janukowitsch 29.11.2013
Фотографија: picture-alliance/dpa

На маргините на самитот германската канцеларка Ангела Меркел разговараше со Јанукович. По разговорот Меркел појасни дека ЕУ нема да ѝ постави временски лимит на Украина за потпишувањето на Договорот за асоцијација. Меркел меѓутоа ги одби украинските барања за олеснети услови на пример за кредит од Меѓународниот монетарен фонд. „Мислам дека Украина треба самата да спроведе ушто многу сопствени реформи“, рече германската канцеларка. Исто така и другите источноевропски држави зад себе имаат болни реформи. Затоа за Украина неможат да бидат променети стандардите.

Меркел на Киев му понуди испорака на гас од ЕУ, за земјата да може да се ослободи од зависноста од руската испорака на гас. „Конечно зависи од Украина дали ќе има храброст, да направи чекор кон Европа и тогаш ЕУ ќе биде партнер од доверба“.

Канцеларката увери дека Германија и натаму ќе се залага за ослободување на опозиционата политичарка Јулија Тимошенко. „И понатаму ќе бараме контакт и се разбира ќе ја поддржуваме украинската опозиција“, нагласи таа. Но, ќе се мисли на сите луѓе, „кои во Украина или Белорусија сѐ уште живеат под тешки политички околности“.