1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците на предвремени избори на шести мај

ЕМФ/дв/дпа12 април 2012

Парламентарните избори во Грција ќе се одржат на 6 мај. Преодниот премиер Лукас Пападимос вчеравечер изјави дека за спроведување на реформите неопходни за справување со должничката криза е потребен нов мандат од народот.

https://p.dw.com/p/14bxU
Фотографија: Reuters

Грчкиот претседател Каролос Папуљас го потпиша декретот за распуштање на парламентот и го прифати барањето за распишување предвремени парламентарни избори. Според преодниот премиер Лукас Пападимос изборите се решавачки за иднината на земјата. „Грција се наоѓа среде тежок пат“, рече Пападимос во неговото телевизиско обраќање вчеравечер. Тој изрази разбирање за страдањата на народот, но нагласи: „Ниту една земја не излегла од криза без болка“. Според преодниот премиер, Грција не може да си дозволи луксуз да губи време.

Лукас Пападимос, кој е поранешен потпретседател на Европската централна банка, во ноември минатата година беше избран за претседател на трипартиската коалициска влада, која имаше за цел да ги реализира сторгите економски мерки за штедење, чие спроведување беше услов за доделување на новиот пакет помош за Грција, како и да склучи договор со приватните кредитори за отпис на дел од грчкиот државен долг.