1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците се тешко навредени од изјавите на Лагард

ЖА/ АМ/афп27 мај 2012

Лидерот на грчките социјалисти Евангелос Венизелос остро ја критикуваше шефицата на ММФ Кристин Лагард за интервјуто во кое ги повика Грците на поголем даночен морал.

https://p.dw.com/p/153GR
Фотографија: picture-alliance/dpa

Лагард со своите изјави ги „навреди Грците“, изјави лидерот на ПАСОК Евангелос Венизелос според синоќешен телевизиски извештај.

„Ја повикувам да проверува и да промислува што сака да каже“, и‘ порача Венизелос на Лагард.

Шефицата на ММФ во интервјуто објавено вчера во лондонски „Гардијан“ ги повика прекумерно задолжените Грци да ги плаќаат даноците за да ја извлечат земјата од кризата. Вечерта Лагард изрази дури и ограничено сочувство со Грците поради рестриктивните мерки за штедење. Меѓутоа, истовремено таа укажа на нужноста од рамномерна распределба на товарот во кризата. Таа ги повика особено богатите Грци да ги исполнуваат своите обврски за плаќање данок. Лагард истакна и дека е позагрижена за Африканците од Субсахарска Африка отколку за сиромаштијата што ги погаѓа Грците поради економската криза.

Изјавите на Лагард денеска ги критикуваше и француската влада.

„Нејзините коментари претставуваат поедноставување и се стереотипни“, изјави владиниот портпарол Нажат Вало-Белкасем за француската телевизија.

Грчката економија веќе пет години по ред се наоѓа во рецесија. За возврат за кредитите од стотици милијарди евра од ЕУ и ММФ на почетокот на мај тогашната грчка влада од социјалистите и конзервативците се обврза на драстична програма на штедење. По изборите, на кои партиите кои се против штедењето освоија значителен број гласови, не можеше да биде формирана нова влада, па за 17-ти јуни се закажани нови парламентарни избори.