1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците се чувствуваат оставени на цедило

14 февруари 2012

Грците се резигнирани и сметаат дека нивните политичари ги оставиле на цедило. Новата програма за штедење е строга, велат граѓаните кои се и шокирани од подготвеноста за насилство на дел од демонстрантите.

https://p.dw.com/p/14307
Фотографија: AP

Плановите за штедење на Грција се погрижија за добро расположение на пазарите со акции и за лошо расположение меѓу населението.

„Кој ги овласти овие политичари да гласаат за вакви програми за штедење“, вели еден 45-годишен маж, кој поседува мала козметичка продавница во центарот на Атина. Тој гласал за Социјалистичката партија, бидејќи Папандреу изјави дека има пари.

„Тие ни‘ претставија друга програма, а не овие радикални мерки за штедење. Ние сме банкротирани. Што ни‘ користи да добиваме 600 евра месечно, а да плаќаме 500 евра даноци?“

Продавниците опожарени

Човекот е едноставно гневен и покажува на другата страна на улицата. „Погледнете овде, што уште може да се каже?“ Две продавници се опожарени од насилните демонстранти. Работниците се обидуваат да ги отстранат остатоците од искршените излози. Сопствениците стојат беспомошни и очајни. За хаосот, според нив, одговорни се политичарите.

Griechenland Finanzkrise nach Sparpaket in Athen
Скршен прозорец на една продавница во АтинаФотографија: Reuters

Во немирите во неделата (12.02) беа опожарени 45 згради. Тоа беа најголемите протести по 2008 година, кога еден полицаец застрела 15-годишно момче. Полицијата сега уапси 142 лица, а повредени беа 35 цивили и 65 припадници на силите за безбедност, кои мораа да бидат однесени во болница.

Еден ден по немирите се’ уште мириса на изгорено. Атмосферата е критична „Овде  нема повеќе демократија. Пратениците го сторија она што партиите им го диктираат. Правиме она што сакаат Германците и Французите. Се разбира дека мора да ги вратиме парите, што Европејците ни‘ ги позајмуваат“, вели еден 50-годишен маж. Меѓутоа на Грција и‘ е потребно повеќе време за тоа. Повеќе време за реформи, а не толкав голем притисок.“

„Ние сме банкрот“

На слично мислење е и една 40-годишна жена адвокат. Таа е погодена и депримирана. Со двајца пријатели стои пред сосема изгорена куќа. Полицијата и противпожарните служби претходно го заградија просторот. Пожарот одамна е изгаснат, но опасноста зградата да се урне е огромна. „Ние сме банкротитирани“, вели жената и гледа кон остатоците од ѕидот. „Ова е криминал. Луѓето ќе ја изгубат работата. Демонстрантите мирно протестираа. Ова е провокација“, смета жената и дополнува: „Не се плашиме повеќе. Што уште можат да ни‘ направат? Треба ли банките да ни‘ ги одземат и нашите станови? Нека го направат тоа, па што!“

Athen Proteste
Полицијата се обидува да ги смири насилните демонстрантиФотографија: dapd

Да се одбрани последното достоинство

„Најлошото претстои“, предвидува еден млад човек по потекло од Романија. Повеќе не сака да каже, оти не бил Грк. Но, 40-годишната жена, адвокат по професија, гласно говори: „Се надеваме на чудо. Најрадо би го вратиле времето пред кризата. Но, такво нешто е неможно. Затоа мислам дека би било подобро да излеземе од еврозоната“. Според нејзино гледиште, Грција би требало да се врати на драхмата. Тогаш Грците меѓусебно би си помагале. Сега ситуацијата е буре без дно, а оваа несигурност веќе не може да се поднесе, вели таа.

Griechenland Streik und Proteste in Athen
Протест пред Парламентот во АтинаФотографија: picture-alliance/dpa

Еден 55-годишен невработен човек се обидува да не се резигнира целосно, но речиси и да нема надеж. „Единственото што уште можеме да го одбраниме е нашето достоинство. Се’ друго ни‘ одземаа - нашите пензии, нашите плати, нашата иднина“.

Автор: Марија Риготсу / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска