1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција ги прислушувала американските дипломати

ЖА/дпа/ртре/афп29 октомври 2013

Американска шпионажа? Можеме и ние, вели грчкиот екс-министер за надворешни работи Теодорос Пангалос. Во свое време тој се забавувал слушајќи ги снимките од разговорите меѓу американските дипломати, вели тој во интервју.

https://p.dw.com/p/1A7nY
Фотографија: Toni Glamcevski

Своите сојузници не ги шпионирала само американската Национална агенција за безбедност. И грчката тајна служба ЕИП ги прислушувала телефонските разговори меѓу американските дипломати, како што тврди поранешниот грчки министер за надворешни работи, Теодорос Пангалос:

„Притоа многу се забавував, слушајќи ги снимените разговори од нашата тајна служба меѓу американскиот амбасадор во Атина со неговиот колега во Анкара, ккао и со централата во САД“, изјави денеска (29.10.2013) Пангалос во интервју за грчкоторадио „Вима ФМ“.

Пангалос истакна дека дипломатите, зборувајќи за него, користеле нецензуриран јазик, изразите непогодни за оние под границата на полнолетство: „«What is this mother-fucker Pangalos doing», како пример цитираше екс-министерот од снимениот разговор на англиски.

„Ништо ново не дознавме, бидејќи знаевме сѐ, но беше интересно да го слушаме американскиот амбасадор во Атина“, нагласи Пангалос.

Тој посочи дека оттогаш минале повеќе од 20 години и оти сето тоа се загубило со текот на времето. Пангалос додаде дека прислушувањата престанале, бидејќи Американците разбрале за нив. Пангалос беше министер за надвореши работи во периодот од 1996 д 1999 година.

Повикувајќи се на документ, весникот „Та неа“ пак денеска објави дека американската амбасада во Атина била користена како центар за прислушување на телефони.