1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Грција да ја ратификува конвенцијата за заштита на малцинствата“

14 април 2010

Комесарот за човекови права Томас Хамарберг испрати писма до неколку грчки министри во кои посакува Грција целосно да ги спроведува пресудите на Судот за човекови права.

https://p.dw.com/p/Mvkh
Томас ХамарбергФотографија: Toni Glamcevski

Веднаш по завршувањето на посетата на Грција, од 8 до 10 февруари годинава, Комесарот за човекови права на Советот на Европа Томас Хамарберг стави акцент врз потребата грчките власти „да се покажат почувствителни на разноликоста којашто постои во грчкото општество и да преземат нови мерки за да им се дозволи на малцинските групи да го изразат идентитетот за кој се определуват, односно така како што тие самите себе се идентификуваат“.

„Грција признава само едно малцинство, тоа е муслиманското малцинство во Западна Тракија. Други малцинства официјално не се признати. Затоа препорачувам ратификација на важните документи на Советот на Европа, како Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, што таа ја потпиша во 1999 година“, изјави за Дојче веле комесарот Томас Хамарберг.

Тој се надева дека новата грчка влада на премиерот Папандреу, како што тој вети при посетата во Стразбур, ќе има нов позитивен пристап кон овие прашања. Се разбира, во моментов излезот од економската криза е нивниот главен приоритет, но европскиот комесар за човекови права се надева дека грчката владата ќе започне сериозно да работи на ова по излезот од економската криза.

PK Thomas Hammarberg im Nordkaukasus
Хамарберг очекува спроведување на неговите препоракиФотографија: DW

Што очекува Хамарберг?

Околу содржината на писмата што ги упати до Харис Кастанидис министерот за правда, транспарентност и човекови права, Теодора Цакри, заменик министер за внатрешни работи, задолжена за децентрализација и локална самоуправа и Михалис Хризохоидис, министер за заштита на граѓаните на Грција и нивните одговори, Хамарберг вели:

„Очекувам спроведување на моите препораки и поточно одговор на министерот за правда, кои се однесуваат на целосното и потполно спроведување на пресудите на Судот за човекови права од Стразбур, во однос на правото за слободно здружување на припадниците на националните малцинства, како и нивното преточување во домашниот правосуден систем на Грција.“

Томас Хамарберг не знае да каже дали Грција наскоро ќе ги задоволи неговите барања и препораки. Меѓу нив е и препораката за олеснување на процедурите за враќање на одземените државјанства на поранешните грчки државјани, меѓу кои многумина се со македонско етничко потекло - бегалци од граѓанската војна од Грција.

„Не знам, се надевам, се‘ зависи од политичката агенда во моментов и дијалогот околу правата на малцинствата и проблемот со имигрантите и бегалците.“

Во писмата што Хамарберг ги испрати до грчките министри, тој се осврнува и на мерките со кои грчките власти треба да ја подобрат ситуацијата на бегалците и имигрантите, Ромите и однесувањето на полицијата.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска