1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција доби повеќе време, но не и пари

Б. Георгиевски/кх/дпа13 ноември 2012

Министрите за финансии на земјите-членки на еврозоната се согласија да го продолжат за две години периодот за фискалното прилагодување на Грција, но одлука за следната транша од финансиската помош е повторно одложена.

https://p.dw.com/p/16hcg
Фотографија: GEORGES GOBET/AFP/Getty Images

Министрите за финансии од еврозоната прифатија да и дадат на Грција дополнителни две години за исполнување на обврските од договорот за кредитирање, но повторно ја одложија одлуката за доделување на следната транша од помошта.

„Еврогрупата ги поздравува напорите на грчките власти да ја вратат програмата на вистинскиот пат. Еврогрупата ги признава значителните напори на грчките граѓани, се наведува во заедничката изјава на министрите по шестчасовниот состанок.

Според првичниот план, Атина имаше задача да си ја заврши домашната задача до 2014. година, но експертите од меѓународната тројка кредитори, Европската Комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд се согласија дека тој рок треба да се продолжи до 2016 година, откако стана јасно дека наместо 11,5 милијарди евра, како што беше првично планирано, Грција следната година ќе треба да заштеди дополнителни 20 милијарди.

Конечна одлука на 20 ноември

Brüssel EU-Finanzministertreffen
Фотографија: Reuters

Со пролонгирањето на овој рок, автоматски се продолжува и обврската на Грција да го намали својот долг на 120 отсто од БПД, од претходно утврдената 2020. на 2022 година.

Челните луѓе на еврозоната Жан Клод Јункер и на ММФ, Кристин Лагард не го криеја меѓусебниот судир по ова прашање на заедничката прес-конференција.

„Ние сметаме дека вистинскиот рок е 2020 и очигледно имаме различно мислење“, рече Лагард.

Последните податоци покажуваат дека наместо да се намали, грчкиот долг се зголемил и сега изнесува 190 проценти од БДП.

Министрите за финансии на вчерашниот состанок во Брисел, сепак не ја донесоа клучната одлука, која претпоставуваше одобрување на следната транша од 31,5 милијарди евра помош за Грција. Јункер соопшти дека одлуката е одложена за 20 ноември за кога е закажан нов состанок. Дотогаш, еврозоната ја повика Атина да спроведе уште некои активности кои се сметаат за итни.

Иако до вчера се тврдеше дека Грција ќе банкротира доколку не ја добие следната транша до петок, еврокомесарот за економија Оли Рен изјави дека грчките банки ќе можат да излезат на крај со состојбата поради малку „подобрената состојба“.

„Најдовме одговор на сите проблеми кои можеа да се појават на 16 ноември“, додаде Јункер.

Погрешна перцепција

Brüssel EU-Finanzministertreffen
Фотографија: Reuters

Претходно, грчкиот парламент по жестока дебата го усвои буџетот за следната година, кој ги содржи предвидените намалувања во јавните трошоци. Брисел вчера го поздрави потегот.

„Добар знак е тоа што во Грција, мнозинството од пратениците си ја знаат одговорноста, дури и при разбирливите протести на граѓаните“, изјави германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле.

Според комесарот Рен, Грција постигнала огромен напредок во реформата на здравствениот, пензискиот и социјалниот систем.

„Време е да се отфрли перцепцијата дека ништо не е сторено. Таа перцепција е погрешна“, рече Рен.

Сега на меѓународните кредитори им останува да одлучат како да најдат дополнителни средства за да го финансираат продолжувањето на роковите за Грција. Имено, ќе бидат потребни најмалку уште 32,6 милијарди евра. Јункер ја отфрли можноста за реструктурирање на долговите, а австриската министерка за финансии Марија Фектер отворено ја отфрли можноста дека политичарите ќе бараат дополнителни средства од своите даночни обврзници за да и помогнат на Атина.