1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добри вести со темна страна

Ј. Пападимитриу/Б. Георгиевски24 февруари 2014

По долги натегања, Тројката кредитори од ЕУ, ММФ и Светската банка денеска се враќаат во Грција. Грчката влада се фали со успеси, но следните месеци ќе биде јасно колку се тие реални.

https://p.dw.com/p/1BEVD
Фотографија: picture-alliance/dpa

Најновата вест за успех: за првпат од 1948. година, Грција остварила суфицит од два проценти во трговската размена. За изненадувачкиот успех, според експертите, има повеќе причини. „Приходите од туризмот во 2013. година се зголемени за 15 проценти, додека увозот на енергенски, како и трошоците за греење се доста намалени“, вели Панајотис Петракис, професор по економија на Универзитетот во Атина. Извозот во меѓувреме е стабилизиран, иако во 2013. беше забележан мал пад. Дали забележаниот суфицит е одржлив допрва ќе се види. Грчкото стопанство структурално е зависно од увозот, и кога ќе почне да расте веројатно ќе се зголеми и увозот, смета Петракис. Што се однесува до туризмот, овој економист смета дека причината за бумот се спуштените цени во хотелите.

Главна причина за економските проблеми на Грција, економистите гледаат во двојниот дефицит: оној во тековниот баланс, како и во државниот буџет. Грците не само што конзумираат повеќе одошто произведуваат, туку и државата се задолжува дополнително за да може да ги исполни своите обврски. Одржливиот суфицит во трговскиот биланс може да го реши барем првиот дел од проблемот.

Секој раст е добредојден

И во однос на државното задолжување владата во Атина се наоѓа на вистински пат: за првпат по 11 години Грција се движи кон буџетски суфицит. Државата во 2013. година имаше поголеми приходи од трошоци, иако во овие бројки не влегуваат каматите од постојниот долг. Но и тука се отвора прашањето за одржливоста, вели економистот Петракис. Доколку се остварат владините прогнози за позитивен, иако минимален, раст на економијата, тоа ќе биде добар знак за иднината.

Griechenland Protest Demonstration Sparmaßnahmen Generalstreik 01.05.2013
Мнозинството Грци ја обвинуваат Германија поради тешката економска состојбаФотографија: AFP/Getty Images

Доверителите претпочитаат да почекаат, пред да ги пофалат грчките чекори, и да ветат натамошна финансиска помош или отпишување на долговите. По долги натегања, Тројката меѓународни кредитори од ЕУ, ММФ и Светската банка денеска почнува уште една рунда оценување на реформите во земјата. Извештајот ќе биде подготвен во текот на март. Како особено важен датум се смета 23 април кога европската статистичка служба Еуростат ќе ги објави податоците за дефицитот во земјите-членки на ЕУ. Грчката влада се надева дека овие податоци ќе го потврдат позитивниот тренд.

Критичарите сметаат дека буџетскиот суфицит е единствено можен поради тоа што државата своите долгови ги плаќа одложено, или на голем број рати. Притоа, малите претприемачи ќе бидат погодени од новите даноци и нема да имаат еднаков третман во споредба со државните. На пример, доколку некој претприемач и должи пари на државата, плаќа камати од 8,76 проценти, додека државните долгови се казнуваат со 6 проценти камата.

Нови олеснувања или реформи?

Со инсистирањето дека се исполнети мерките за штедење, конзервативната влада на Андонис Самарас се надева дека ќе добие нови олеснувања, по можност пред изборите за Европскиот парламент. Кредиторите, од друга страна, се воздржани и очекуваат натамошни реформи.

Griechenland Bauern Proteste hohe Produktionskosten
Фотографија: Reuters

Грчката влада треба да подолжи претпазливо, подобро да ги дозира мерките за штедење, за да не ги загрози надежите за пораст, смета шефот на текстилната комора во регионот Атика, Димитрис Арменакис. „Во последниот квартал на 2013 година имаше јасен пораст и помисливме дека најлошото е минато. Но во јануари годинава доживеавме удар поради шпекулациите за нови даноци, социјални кратења или нови промени на пазарот на трудот“, вели Арменакис.

Овој бизнисмен не е меѓу бројните критичари, кои сметаат дека Тројката е виновна за економската мизерија на Грција. Во намалените потрошувачка и увоз тој гледа балансирање на пазарот. Потрошувачите кои изминатите години биле поопуштени со своите пари, денес ги чувствуваат последиците од тоа.

Во 2013. Грција забележа рецесија шеста година по ред. Во 2014. конечно треба да се тргне напред. Не се само бизнисмените тие кои се зависни од поддршката на потрошувачите за раст. И политичката судбина на премиерот Андонис Самарас зависи од тоа.