1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција има основа за барање репарации од Германија

Јанис Пападимитриу / Б. Георгиевски16 април 2013

Правни експерти во Грција ја истражуваат можноста да се побараат репарации од Германија поради окупацијата во Втората светска војна. Барањата се оправдани, смета еден германски историчар

https://p.dw.com/p/18G4Z
Фотографија: picture-alliance/akg-images

Извештај на грчкото министерство за финансии треба да обезбеди докази за злосторства и наметнатите заеми од страна на националсоцијалистичкиот режим врз Грција. Тој засега се чува како државна тајна. Според информациите на весникот То Вима, извештајот е составен од група експерти, кои пронашле важни документи во државниот архив. Со извештајот треба да се потврди и дека Германија во 1960. година се согласила да им исплати отштета од 115 милиони марки на жртвите на нацистичкиот терор. Од германската перспектива, со овој договор се исплатени сите отштети за злосторствата. Грција, од друга страна, се повикува на Лондонскиот договор од 1953 година, во кој се наведува дека отштетата за Втората светска војна ќе биде исплатена по „склучувањето на мировен договор“.

Според Хаген Флајшер, историчар и професор на Универзитетот во Атина, грчките барања за исплата на репарации се оправдани. До пред 1990. година Германија секогаш велеше: „Се‘ уште е рано, Германија е поделена. Војната ја водеше цела Германија, а не само еден дел од неа, и кога повторно ќе се обединиме ќе можеме да зборуваме за тоа“. По обединувањето, одговорот беше поинаков: „Сега веќе мина толку долго време, и предоцна е“, вели Флајшер.

Холандија добила повеќе од Грција

Германскиот став, дека сите барања за репарации се затворени со договорот од 1960 година, не е одржлив, вели историчарот. Тогашниот грчки амбасадор во Германија во едно писмо јасно наведува дека не се исполнети сите барања за отштета. „За да го разберете контекстот на оваа отштета од 115 милиони марки, треба да знаете дека Холандија, која претрпе далеку помали штети, доби многу повеќе пари“, вели германскиот историчар. Со самото тоа темата за репарациите не е затворена.

Tagung über Erinnerungskultur und Geschichtspolitik der Okkupation in Griechenland 1941-1945
Професор Хаген ФлајшерФотографија: DW

Конкретни бројки од извештајот на грчкото министерство за финансии засега не се познати. Здруженијата на жртвите споменуваат бројка од 160 милијарди евра, некои аналитичари и далеку повеќе. Во евентуалните преговори не би се разговарало само за отштета за поединци и за материјална штета, туку и за присилниот заем кој грчката Централна банка морала да го земе од Германија во 1942 година.

Хаген Флајшер пледира принудниот кредит да се одвои од останатите барања за репарации, бидејќи од „практични причини барањата за репарации се застарени и ниту една германска влада нема да си дозволи ризик да и‘ се случи таков преседан“. Затоа, грчката влада треба целосно да се фокусира на остварување на побарувањата од принудниот кредит. Притоа, окупаторот веќе ја призна својата вина и кусо по завршувањето на војната, ја прецизираше сумата од 476 милиони марки и почна да исплаќа дел од парите, вели историчарот.

Нацистите го признале кредитот

Целата сума, без пресметани камати, денес би изнесувала околу 7 милијарди евра. Германските заеми по војната се даваа со просечна камата од 6 проценти, но и со трипроцентна каматна стапка денес би се дошло до трицифрена сума во милијарди евра. Дополнителна поволност за грчката страна е тоа што нацистите го признале постоењето на заемот.

Левичарската Сириза, во моментов најсилна опозициска партија во грчкиот парламент, ја става коалициската влада под притисок да бара од Германија враќање на долгот. Партискиот шеф Алексис Ципрас тврди дека темата ја отворил и на средбата со германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во јануари. Шојбле, пак, пред неколку дена за весникот „Ноје Оснабрикер цајтунг“ изјави дека прашањето за репарациите е одамна затворено. Според него, далеку е поважно, наместо да се заведуваат луѓето со вакви приказни, „да се завршат бараните реформи“.

Alexis Tsipras Vorsitzender Oppositionspartei SYRIZA in Berlin
Алексис ЦипрасФотографија: picture-alliance/dpa

Во Атина ваквата изјава предизвика нови бранувања. Министерот за надворешни работи Димитрис Аврамопулос вели дека нема никаква врска меѓу реформите во Грција и барањето за репарации. Од Сириза оценија дека Шојбле наметнува дилема меѓу „реформите или репарациите“. „Никој не негира дека Грција треба да си го среди буџетот и да ја реформира државата, но тоа не го менува фактот дека барањето за репарации останува“, велат од Сириза.

Дури и во грчките медиуми не се ретки претерувањата за проблемот со репарациите. Најтиражниот весник Та Неа дури говори и за „Студена војна“ меѓу Атина и Берлин за ова прашање.