1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција како адут во предизборната кампања

Сабине Кинкарц/Жана Ацеска23 август 2013

Германските владејачки политичари во текот на досегашната предизборна кампања избегнуваа да говорат за европската должничка криза повеќе од потребното. Но, министерот за финансии Волфганг Шојбле го прекрши молкот.

https://p.dw.com/p/19VBh
Фотографија: Reuters

Четири недели пред изборите за германскиот парламент, Бундестагот, германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле на предизборен митинг во Аренсбург, недалеку од Хамбург, ненадејно спомена дополнителна финансиска помош за Грција.

„За Грција ќе биде неопходна уште една програма за помош“, рече Шојбле. На земјата, по истекот на тековната програма, ќе и‘ требаат дополнителни пари, но нема да има нов отпис на долговите“, истакна Шојбле.

Оваа изјава предизвика големи бранувања пред се‘ затоа што германската влада досега никогаш не формулираше конкретно како ќе биде финансирана Грција по 2015 година. Оној кој премногу рано нуди финансиска помош, ги торпедира реформските и напорите за штедење, се аргументираше често во Берлин. Кај најголем дел од политичарите на Унијата и либералите, ова мислење не е променето. Така, генералниот секретар на ФДП, Патрик Деринг изјави: „Сите навестувања околу натамошни програми финансиска помош за Грција се ’отров за реформските стремежи’ на Грција“. Земјата се‘ уште има време до 2014 година да ги исполни условите на кредиторите.

Засега во Грција се‘ тече според планот

Јужноевропската држава, погодена од криза, досега во рамките на спасувачката програма на ЕУ, Европската централна банка и ММФ, доби 73 милијарди евра. Вториот пакет финансиска помош од 163 милијарди евра би требало да го обезбеди финансирањето на Грција до крајот на 2014 година. Уплатите за него се вршат квартално. Контролорите на ЕУ, ЕЦБ и ММФ, пред секоја исплата на терен проверуваат дали и на кој начин Грција ги исполнува обврските.

Министерот Шојбле нагласува дека Грција во моментов ги исполнува обврските предвидени со договорот за помош, без оглед што се‘уште не е на цврсто тло. Истото мислење го дели и Фолкер Хелмајер, главен аналитичар на Бременската банка. Во разговор за Дојче веле, тој укажува на постигнатите значајни напредоци во Грција. Хелмајер наведува - Грција бележи конкурентност во споредба со Германија на ниво од 2004 година, структурните буџетски дефицити се под контрола.

„Решавачки е што на Грција треба да и‘ биде оставен доволен простор и воздух за опоравување на конјуктурата и да се заштити од пазарот на капитал. Тогаш ќе бидат регистрирани напредоци во државниот буџет, што многумина ќе ги изненадат“.

Eurokrise Eurozone Symbolbild
Фотографија: dapd

Како по 2015 година?

Никој сега не верува во тоа дека Грција со долг од 175 проценти од брутодомашниот производ во 2015 година ќе биде зрела за да излезе на пазарот на капитал. Во тоа не верува ни германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле:

„Токму затоа, кога беше усогласена програмата за помош, рековме: ако Грција во текот на 2014 година ги исполни сите свои обврски и ако и потоа и‘ биде потребна помош, тогаш ќе ги разгледаме потребните мерки“.

Но, притоа постои разлика - додека досега Шојбле оставаше отворено дали ќе има натамошна помош, сега зборува дека веројатно ќе биде потребна дополнителна помош.

Никој не споменува бројки

Шојбле не зборува конкретно како би требало да изгледа помошта. Ако биде потребно, би било разгледано намалувањето на каматните стапки за актуелните кредити. Шојбле отфрлува нов отпис на долгови, исто како и германската канцеларка Ангела Меркел.

Останува отворено прашањето зошто министерот за финансии така ненадејно конкретно зборуваше за трет пакет помош. Шојбле не е непромислен политичар. Повеќе држи претпоставката - ова е намера да и‘ се одземе ветрот од едрото на опозиционата Социјалдемократска партија, слабеење на опозицијата. СПД и Зелените во последно време споменуваат можност за натамошен отпис на грчки долгови, додека Меркел и Шојбле зборуваа за подобрената економска ситуација во Грција. Најавата за евентуален трет пакет помош така е само дел од една порака. За Шојбле и оние кои ќе гласаат за ЦДУ и ЦСУ, поважна е пораката дека нема да има повторен отпис на долгови.