1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција од должничка влегува во државна криза

17 јуни 2011

Грчкиот претседател Каролос Папуљас смета дека демократијата е доведена во опасност. Премиерот Папандреу утрово сака да го соопшти составот на реконструираната влада, чија цел е спроведување на неопходните реформи.

https://p.dw.com/p/11csB
Грчкиот премиер Јоргос ПапандреуФотографија: AP

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу сака со нова владина екипа да ги спроведе итните економски мерки за штедење и барем да го одложи заканувачкиот банкрот на државата. Планираната реконструкција на владата најавена за синоќа е одложена за денеска поради итната седница на неговата владејачка партија ПАСОК, која со 155 од вкупно 300 пратеници се‘ уште располага со тесно мнозинство.

Опозициониот водач Антонис Самарас синоќа го повтори барањето за предвремени избори. Неговата Нова демократија смета дека мерките за штедење се премногу остри и го гушат стопанството, па поради тоа бараат нивна промена.

Грчкиот претседател Каролос Папуљас изрази загриженост дека политичката криза може да се претвори во криза на демократијата.

Griechenlands Staatspräsident Karolos Papoulias
Претседателот Каролос Папуљас загрижен за демократијата во земјатаФотографија: AP

Грција- главна тема на средбата Меркел - Саркози

Со оглед на исклучително тешката ситиација во Грција, партнерите од ЕУ и од ММФ малку попуштаат. Еврокомесарот за монетрани прашања и економија Оли Рен во Брисел најави дека евроминистрите за финансии на средбата во Луксембург в недела ќе ја одобрат исплатата на следната транша помош за Грција во висина од 12 милијарди евра. За вториот голем пакет-финансиска помош за земјата ќе се решава на 11 јули, со што според Рен ќе биде избегнато сценариото за платежна неспособност на Грција кон средината на јули.

Грчката криза денеска е тема и на средбата меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози во Берлин. Германија и Франција имаат различни ставови за начинот и обемот на мерките за спас на високозадолжената Грција.

French President Nicolas Sarkozy, right, walks with German Chancellor Angela Merkel as she arrives at the G8 Summit, in Deauville, France, Thursday, May 26, 2011. (Foto:Carolyn Kaster/AP/dapd)
Канцеларката Ангела Меркел и претседателот Никола Саркози ќе ги усогласуваат ставовите за ГрцијаФотографија: dapd

Спор околу учеството на приватни доверители

Берлин е за засилено учество на приватните инвеститори во санирањето на грчката криза и во сносењето на последиците, Париз на тоа гледа со скепса. Конечен заклучок германската страна најавува дури за септември, како што се дознава од владини кругови. На тоа енергично се спротиставува луксембуршкиот премиер и шеф на Еврогрупата, Жан Клод Јункер, кој исто така се залага за учество на банките во раздолжувањето на Грција, но врз доброволна база.

Грција пак мора итно да спроведе план за штедење и реформи во обем од 78 милијарди евра. До крајот на годинава треба да заштеди 6,4 милијарди евра, до 2015 уште дополнителни 22 милијарди евра. Освен тоа, Атина треба да направи обид да добие дополнителни 50 милијарди евра преку продажба на државен имот.

Автор: ЖА/СН/дпа/дв

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи